Со „Преспански јаболкобер 2020“ и официјално почна бербата на јаболка во Преспа
Симболично со откинување на јаболко на овоштарниците на „Свислион Агроплод“ во Ресен на манифестацијата „Преспански јаболкобер 2020“ се означи стартот на бербата на јаболка во Преспа. Традиционално по 20 пат манифестацијата се одржа на верскиот празник Крстовден кога овоштарите ја почнуваат бербата. Овоштарите со надеж дека оваа година нема да имаат проблем со пласманот.
Градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски, заедно со голем број на видни гости од земјава и странство, свечено го откина првото јаболко, со желба за плодна берба и успешен пласман на јаболката.
-Ми беше чест што учествував на свечениот почеток на бербата со откинување на првото јаболко. Во Преспа се почнува и завршува со јаболкото. Овде се одгледуваат најубавите јаболка на површина од 4500 хектари.
На сите им посакувам богата берба, добар пласман и високи откупни цени, напиша на својот ФБ профил заменик министер за земјоделство Трајан Димковски.
Дека Преспа го има најдоброто и најквалитетното јаболко, покажаа земјоделските задруги кои имаа штандовска презентација на своите производи. Шест земјоделски задруги јаболката што ги имаа изложено ги донираа на Црвениот крст Битола, Биосфера – Центар за ран детски развој Битола и Домот за деца без родители во Битола.
Оваа производна сезоната јаболкото е со одличен квалитет. Како што вели Љубе Пампулевски 15% од родот е со екстра квалитет, 75% е прва класа, а само 10% е втора класа и се очекува род од 100 000 – 120 000 тони род.
-Невремето што во месец јули минатата година зафати дел од Преспа го намали родот за околу 40 000 – 50 000 тони. Со невреме беа зафатени и други балкански држави, производители на јаболка кои бележат за 30-40% помалку род, што значи дека оваа година не би требало да има проблем за пласманот на нашите јаболка. Не би требало да се случи јаболката да останат не продадени. Моментално цената се 14 ден/кг и очекуваме оваа цена да расте по завршувањето на бербата до средината на месец ноември. 10 000 – 15 000 тони јаболка се очекува да бидат сместени во ладилници за следната продажна сезона кога се очекува и повисока цена. Очекуваме добар дел да оди на странските пазари, но важно е дека и домашниот пазар ќе биде снабден со екстра квалитетно јаболко од сите сорти и количини по пристојна цена, изјави за Зелена берза Љубе Пампулевски.
Оваа година има помал но подобар квалитет потврдуваат и други овоштари .
-Оваа година е добра. Јаболката се поквалитетни, имаат доволно шеќерни единици и убава боја. Очекувам рок од 80 -90 т од хектар. Моментално има побарувачка на јаболка, планирам дел да ги продадам, а дел да ги чувам во мојот ладилник, вели Аднан Феим од с. Лавци, Ресен, учесник на јаболкоберот и еден од најдобрите производители на јаболка. Одгледува повеќе сорти меѓу кои Муцо, Црвен делишес и Ајдаред. Очекува и добар пласман. Само да не се затворат границите заради пандемијата. Тоа би било лошо бидејќи оттаму имаме берачи, овде тешко се наоѓаат, додава Феим.
Позитивни сигнали доаѓаат од Руската федерација, дека македонските јаболка ќе може да се продаваат таму. На јаболко берот беше присутен и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, а овоштарите велат дека се подготвени за тој предизвик.
Традиционално и оваа година беа доделени награди кои ги врачи градоначалникот Гошаревски.
Марина Дочовска доби награда за најдобра жена овоштар.
За најдобар заштитар, за 2020 година е прогласен Тони Чајлаковски, а за најдбоар млад овоштар за 2020 година е прогласен Бесник Адемовски.
П.Јовановска