Како да се сечат стеблата на цветовите?
Основен трик кој треба да се применува за долготрајност и подобра хидратација на цвеќето е стеблата на цвеќето да бидат исечени со ножици под агол од 45° на околу 3-5 cm од краевите. На овој начин ќе биде создадена поголема површина, која ќе зафаќа повеќе вода и со тоа ќе биде продолжено траењето и квалитетот на букетот.
Како да се отворат преостанатите цветови?
Често се случува одредени цветови од букетот да останат неотворени или полуотворени. Земете ги и ставете ги во топла вода една минута, а потоа веднаш ставете ги во студена и оставете ги дваесет минути. Цветовите ќе се отворат максимално.
Како да се продолжи траењето на букетот за неколку денови?
Пред да го ставите свежото цвеќе во вазната ставете неколку капки вотка и кафена лажичка шеќер, за да цвеќето остане подолго време свежо. Вотката ќе го спречи развојот на бактериите, а шеќерот ќе послужи како храна на растението.
Како да се задржи свежината на водата?
За да ја продолжите свежината на водата, во неа ставете бакарна паричка. Бакарот создава кисела средина, што го спречува развојот на бактериите во водата.
Валентина Соколовска
за Зелена берза