fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Спанаќот остана несобран, нема кој да го откупи

Тежок е патот на спанаќот од нивата до трпезата.Намалената фреквенција на пазарџии по зелените пазари не е единствената причина. Заради престанокот со работа на фирми кои го користат спанаќот во своето производство и драстично намалената побарувачка во угостителски објекти и кујни доведен е во прашање пласманот на спанаќот оваа сезона.

Производители на спанаќ од Тиквешијата и Демир Капија  се загрижени за пласманот на спанаќот. Бербата започна, но производителите нема кому да го продадат. Оваа култура во овој регион е застапена на близу 20 ха. Спанаќот се смета за исклучително здрава храна и нутриционистите ја препорачуваат да биде почесто присутна на трпезата. Сепак последните случувања со корона кризата го отежнуваат патот на спанаќот од нивите до пазарите.

-Спанаќот оваа сезона го имам посеано на површина од 6 декари. Сега е стигнат за берење, но стравувам дека нема да можам да го продадам. До сега успеав да однесам на пазар само една берба и што ќе биде понатаму не знам. Овде во овој реон и во Тиквешијата има голем број на производители на спанаќ и немаме организиран откуп, кој како ќе се снајди го даваме на трговци кои имаат тезги на зелените пазари, го изнесе на Зелена берза својот проблем Селва Елезова од с. Курешница општина Демир Капија. Заради своја безбедност од корона вирусот човекот на кој му го давав спанаќот до сега, не продава веќе, додава таа.

Намалената фреквенција на пазарџии по зелените пазари не е единствената причина. Заради престанокот со работа на фирми кои го користат спанаќот во своето производство и драстично намалената побарувачка во угостителски објекти и кујни доведен е во прашање пласманот на спанаќот оваа сезона.

– Во Кавадарци  дел од пиљарите каде вообичаено се продаваат свежи производи се отворени, а некои се затворени со образложение „затворено е заради самозаштита на вработените додека не помине состојбата со корона вирусот“.

Спанаќот е специфична култура која кога ќе стигне за берба треба да се собере, во спротивно брзо ќе процвета и ќе фати семе, а тогаш не се препорачува за консумирање бидејќи горчи. Не може да стои долго време ниту кога е собран, затоа што може да скапи. Штета ќе биде толкав труд да заврши на ѓубриште, велат земјоделците.

ТРАЈ- ДУК е компанија од Кавадарци која што врши дистрибуција на земјоделски производи во Тиквешијата. Велат дека целокупната состојба се одразува и на нивното работење. Застанувањето со работи на угостителските објекти, големите кујни во хотелите најмногу се одразува на пласманот не само на спанаќот туку и на други раноградинарски култури.

-Се е застанато не знам што ќе се прави, загрижено објаснуваат оттаму.

Освен производителите  со загуби ќе се соочат и оние што откупуваат и преработуваат градинарски производи и овошје. ДИП ФРОЗЕН од Кавадарци е компанија која годишно произведува 2 500 тони производи од кои 150-200 тони отпаѓаат на спанаќ. Како што не информираше сопственикот на оваа фирма Дејан  Петров што ќе биде и дали ќе се откупува, конкретно спанаќот, зависи  од состојбите што ги наметна корона кризата.

-Нашата работа многу зависи од почнувањето со работа на прилепската фирма со која соработуваме, а која престана да работи почитувајќи ги препораките за безбедност  на здравјето на вработените  што ги донесе Владата. Ние го откупувавме спанаќот и по термичката обработка го праќавме на доработка во таа  фирма. Бидејќи таа не функционира не можеме ниту ние да откупуваме спанаќ. Многу зависи од актуелната состојба кога ќе се стиши. За спанаќот ќе биде многу тешко, вообичаено до крајот на месец април завршуваме со негова обработка, а сега не можеме ниту да почнеме. И ние не сакаме вака да биде. Храна треба да се произведува, но во случајот не зависи само од нас. Ако се пролонгира вонредната состојба во земјава загуби ќе претрпиме сите, производителите и откупувачите и преработувачите, вели за Зелена берза Дејан Петров.

Павлина Јовановска

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close