Средства ќе добиваат оние земјоделци и сточари кои ќе имаат свои производи
Во иднина тие ќе треба да приложат доказ дека имаат производи од тоа земјиште па покрај авансната исплата од 30 посто ќе им биде исплатен и другиот дел.
Поголемо производство на домашна храна а помалку увоз, како и праведна распределба на субвенциите, ова е предвидено во буџетот за земјоделството за 2023 година. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вели дека со реформата во распределбата на субвенциите ќе се воведе начин тие да бидат доделувани на оние кои што навистина произведуваат а не како досега што се пријавуваат за средства само врз основа на тоа што поседуваат земјоделско земјиште. Земјоделците ќе треба да приложат доказ дека имаат производи од тоа земјиште па покрај авансната исплата од 30 посто ќе им биде исплатен и другиот дел.
„Не се намалуваат субвенциите туку напротив имаме најголем буџет за субвенционирање досега. Еве во сточарството да земеме, за високомлечните крави 30 посто зголемени субвенци, за овците 100 посто зголемени субвенции. Поединци кои што би биле погодени од тоа што земале на некој начин субвенции досега а не произведувале или се наоѓаат во елиминирањето на манипулациите кои што досега можеби биле научени да ги прават не се земјоделците кои што произведуваат храна и кои што домаќински и вредно работат во македонското земјоделство“, рече неодамна министерот Љупчо Николовски.