fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Сточарите се во криза за сточна храна

Силажата се движи околу 4 денари за килограм или еден камион од 10 тони околу 40.000 денари. Земјоделците што произведуваат силажа велат дека и за нив е неисплатливо

БИТОЛА – Во голема криза се македонските сточари за сточна храна. Сушата си го направи своето, па се бара чаре како да се преживее зимата. Јагмата е за силажа. Стоката има потреба од крма и таа е во предност пред сеното поради подобриот квалитет. Сточарите велат дека во модерното сточарство, силажата со секој ден има поголемо значење. Се користи силажа од пченка најчесто во комбинација со силажа од соодветни видови на трева. А пченката годинава не успеа без доволно количина на врнежи и наводнување, објави nezavisen.mk

 

Пресметките се дека зијанот од чување на стоката е поголем од ќарот, а плус на сето ова сточарите го губат трпението од неисплатените субвенции неколку години наназад за повеќе мерки. Откупните цени за литар предадено млеко во млекарниците се движи од 26 до 32 денари.

„Ние сточарите сме во многу тешка ситуација, имаме криза за храна. Сушата одзеде дел од сточната храна, најзагрозена е пченката оти немаше доволно дождови, ниту пак соодветно наводнување. Ова значи дека за стоката ќе ни недостига силажа и зрнеста храна“, се пожали Тони Петковски сточар од Велушина, село во близина на македонско – грчката граница.

Сточарите пресметуваат дека за фарма од 50 крави дневно треба околу 600 килограми силажа, 10 балиња луцерка и 5 балиња слама и на оваа количина плус треба и концентрат. Или месечно 18 тони силажа, 5 тони концентрат што го прават сами, 300 балиња луцерка и 150 балиња слама, количина која не е за потценување за еден фармер во сушно лето.

„Вода немаше 60 дена, плус високи температури, изгор. Силажа има само во краевите каде што имаше доволно вода со системот за наводнување. Луцерката само два откоси, лошо“, се пожали Борче Бучински сточар од пелагониското село Могила.

Силажата се движи околу 4 денари за килограм или еден камион од 10 тони околу 40.000 денари. Земјоделците што произведуваат силажа велат дека и за нив е неисплатливо.

„Каде што немаше вода од системот, пченката не успеа, оти за производство на силажа треба вода и бујна вегетација. Годинава за жал се засадија помалку површини под пченка оти веќе и тоа не се исплаќа“, вели Марјанчо Цветкоски, земјоделец од прилепско Марул.

Дека сточарството станува се понеисплатливо и е во криза за храна потврда се и секојдневните огласи на социјалните мрежи за продажба на стоката и затворање на фармите. Бучински вели „сточниот фонд се намалува од ден на ден, а огласи за продажба има се повеќе.“

Токму затоа сточарите бараат редовна исплата на субвенциите, по сите мерки, а особено исплата на заостанатите субвенции за предадено сурово млеко во откупните индустрии. Со месеци не зеле субвенции за предаденото млеко.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски при последната средба со пелагониските сточари кажа дека знае оти расте нетрпението кај фармерите од неисплатените субвенции за предаденото млеко, па рече дека ќе се исплаќаат во наредните два месеца.

„Во последниот период исплативме околу 15 милиони евра субвенции, со ребалансот на буџетот обезбедивме дополнително скоро 20 милиони евра што ќе бидат исплатени со динамика кон сите земјоделци. Сакаме да оставиме чиста сметка, исплатени субвенции заклучно до 2023 година. Знам дека има нетрпение кај земјоделците, меѓутоа најавуваме еден сериозен план и во наредните месец и пол до два ќе ги исплатиме и млекопроизводителите, полјоделците и овоштарите. Покажавме дека имаме сериозен акцент на земјоделското производство кое за жал е уништено. Владата во изминатите седници донесе и дополнителни мерки за земјоделците за пченицата и јачменот“, рече Трипуновски.

 

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close