Агро бизнисВестиТоп вести

Сточарот Марјан од Новоселани нема земено субвенции од 2023 година

Овчарството ќе згасне ако државата сериозно не се справи со проблемите на сточарите

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството од Прилеп започна со кампањата „Прашај ја Агенцијата’’ со средба со одгледувачите на овци. Како да се надминат проблемите со исплата на субвенциите за неколку години, вклучително и 2025 та, како е структуирана Програмата за финансиска поддршка за 2026 та беа дел од темите на средбата. Основното прашање е како да се зачува, но и да се зголеми македонскиот добиточен фонд, објави „Журнал“.

Сточарите апелираат на поголема ажурност од државата во решавање на проблемите, бидејќи како што велат добиточниот фонд се намалува. Од 2 милиони грла ситен и крупен добиток, прашање е дали Македонија денес има 200 илјади овци, кози и крави.

„Настана едно недоразбирање во сточарството со мерките кои беа воведени. Половина од сточарите не ги исполнија критериумите и тие останаа без ниту еден денар оваа година. Затоа сега, дали било по нивна вина, или не била убаво испромовирана Програмата за финансиска поддршка ние не можеме да тврдиме. Битно е едно да им се помогне на сточарите да се врата повторно во живот оти тие останаа без пари, некаде околу половината од нив. Исто така и другите мерки кои се во овчарството да бидат навремено исплаќани оти има болести, отежнат е откупот на јагнето… Сериозна е ситуацијата во секој случај во сточарството. Но едно е многу важно и ќе им порачам на сточарите дека не можат расправиите по вибер групи и по маалски продавници да донесат плод. Вакви собири ни требаат да не ја промашиме и наредната година, вели Боби Бошевски,“ сточар од битолско, претставник на Здружение на одгледувачи на овци.
Сточарите немаат земено субвенции за 2023 та година, а многумина не ги исполниле критериумите за финансиска поддршка и за 2024. Откупот на јагне е неизвесен, ова го потврдуваат одгледувачите на овци на собирот.

„Немам земено субвенции за 2023 та немам земено субвенции, 2024 та ги изгубив, сега за 2025 та си ги бараме субвенциите. Откуп на јагне нема, не ни е познато од кои причини, дали се некои игри или чекаат 5 до 12 да ни го земат јагнето по ниски цени. Ова се едни од причините што сточниот фонд во Македонија е многу намален, дури според некои проценки нема ниту 200 илјади овци. Младите не сакаат да работат и ние сме последна генерација што ги чуваме овците“, вели Марјан Стојаноски сточар од Новоселани и претставник на Здружението Пелагониски сточар.
Од средбата беше упатен апел до надлежните, до Владата за поголема ажурност во решавање на проблемите во сточарството и исплата на финансиската поддршка.

„Јас би упатил апел до Владата, бидејќи не зависи повеќе од директорката на Агенцијата – Владата да ни излезе во пресрет и да ја поддржат директорката и Министерството за земјоделство ако сакаат да опстане оваа гранка. Веќе гледаме дека има војни, ќе се враќаме на земјоделство, на сточарство, но ќе ни биде доцна. Треба да се внимава и да се исплатат што побрзо овие заостанати субвенции и да одиме напред. Ако порано сме имале 1 милион сточен фонд, сега имаме 250 илјади грла добиток, тоа е огромно опаѓање на бројката на овци,“ рече Насер Џамаили, претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.

Поврзани новости

Back to top button