Странски инвеститор за организиран откуп на јаболка
По примерот во преспанскиот регион и во тетовско, можно е владините институции да најдат странски инвеститор со што и тука би имало организиран откуп на јаболките. Брвеница и околните села важат за места каде има голем број производители на јаболка.
-Капацитети за откуп на јаболката има особено во регионот на Преспа каде оваа култура најмногу се одгледува и има најголем број на производители. Токму таму фирмата Епл ленд од Дубаи инвестираше околу 6 милиони евра за изградба на ладилник за откуп, сортирање, калибрирање и извоз на јаболката надвор од Македонија. На можните странски инвеститори ќе им предложиме во следниот период и ќе ги претставиме можностите и на регионот на Брвеница и пошироко за производството на јаболка со цел и тука да добиеме ваква инвестиција што ќе придонесе во организираниот откуп на јаболката, изјави Ванчо Костадиновски, заменик министер за земјоделство.
Производителите на јаболка во тетовско досега претежно целиот род јаболки индивидуално го продаваат, пред се на мало и на зелените пазари.
-Цените пристапни за секој џеб. Има поскапи, поефтини. Има за 10 денари за сок, за печење. Има јаболка, само продажбата е слаба во однос на други артикли, а јаболкото е најквалитетно, вели Зорка Глишиќ, производител на јаболка од тетовско.
Во тетовско најзастапени се јаболката од родот ајдарет, златен делишес и грини смит.