Струмичките земјоделци со камиони одат од град на град за да ги продадат производите
Борба за опстанок!
Пробиштип, Штип, Куманово, но и други градови се места каде струмичките земјоделци заминуваат со камиони и таму ги продаваат своите производи.
Најчесто носат пиперки и домати, затоа што ги имаат во големи количини. Оваа пракса трае со години. Земјоделците од струмичко велат дека секој град си има пазарен ден, и така одлучуваат каде ќе се упатат. На овие жештини одат од град на град со цел да заработат. Но, меѓу земјоделците има и такви кои порано продавале роба по други градови, а потоа се откажале затоа што сметаат дека не им се исплати.
„Јас одев во Берово, Радовиш, Кочани пред 15 години, ако не и повеќе, но сега веќе не, затоа што не се исплати. Зелката ми ја земаат од дома, а капијата кога ќе стигне, ја носам во фабрика. Сега од селото Дабиле можеби 3-4 земјоделци со камиони одат во други градови да продаваат. Носат пиперки, домати, кромид, зелка. Кај нас во Струмица сабота е пазарен ден, така што другите денови земјоделците носат роба по други градови, зависно каде е пазарен ден. Одат наутро и обично се враќаат навачер“, вели Бончо Божиков, земјоделец од селото Дабиле.
Во Струмица се произведуваат големи количини на овошје и зеленчук, а истите не може да ги апсорбира локалниот пазар. Земјоделците велат дека има денови кога на пазар во родниот град се случува дел од робата да им остане непродадена.
Ристо Велков, претседател на Земјоделскиот Синдикат од Струмица oбјаснува дека земјоделците мораат да бидат и трговци и се принудени да ги дистрибуираат производите надвор од нивната општина.
„Во Струмица има 73 села, од кои 50 или 65 имаат земјоделско производство, дел имаат и сточарство и земјоделците носат зелка, краставици, пиперки, домати, бостан во другите градови. Сето тоа не може да се продаде во нашата општина“, рече Велков.
Во Куманово струмичките земјоделци се чести гости, секое лето ги има на истите локации, а дел од локалните земјоделци забележуваат дека тие нудат пониски цени.
„Порано овдеме и во Панчево, по цела екс Југославија, и беше добро, убаво се живееше“, рече Кирил Филев од „Македонска градина“.
На 15 месецов имаше и инцидент, при што 27 годишен продавач на градинарски култури нападна 58 годишен жител на селото Пчиња. Ова поттикна дел од граѓаните на социјалните мрежи да апелираат да нема узурпирање на јавни површини за продавање на градинарски производи.https://faktor.mk/