
Сушата го намали родот на пиперката ајварка – ќе се покачат ли цените на зимницата
Околу 65 милиони килограми пиперки од сортата „куртовска капија“, популарно наречена „ајварка“ се очекува да бидат набрани годинава во земјава.
Во струмичките села во тек е бербата на црвената пиперка, но земјоделците се жалат дека приносите оваа година се значително намалени во споредба со лани. Тие тврдат дека главна причина за ова се неповолните временски услови во текот на летото. Како што велат, високите температури го намалиле приносот за околу 25%.
Во струмичкиот регион речиси никаде не с одгледуваат пиперки на отворено. Целото производство е префрлено под пластеници, но и таму има штети од сѐ поизразените климатски промени.
„Сушата предизвика појава на болести. Голем дел од земјоделците од Куклиш и околните села се обидоа да го заштитат приносот, но не успеаја. Има штети. Растенијата ги фати народски кажано ‘вењач’ и засеаното отиде во неповрат. Премногу беше топло. На тие температури растенијата го исфрлаат и цветот и плодот. Но, почнавме со засенчување на пластениците со заштитни мрежи или вар па некако го заштитивме произвдоството“, изјавија производители од Куклиш.
Околу 65 милиони килограми пиперки од сортата „куртовска капија“, популарно наречена „ајварка“ се очекува да бидат набрани годинава во земјава. Ова се процените на производителите и откупувачите кои пред неполн месец ги утврдија цените за откуп на црвени пиперки за конзервно-преработувачките капацитети.
Според договорот постигнат пред почетокот на откупот, помеѓу Министерството за земјоделство од една страна и откупувачите и преработувачите од друга, цените се движат од 15 до 45 денари за килограм, во зависност од квалитетот и класификацијата. Ова претставува зголемување од околу 15% или пет денари по килограм повеќе во споредба со лани.
,,Апелирам до земјоделците да не брзаат со бербата и соодветно да го класифицираат родот. Прва класа ќе се откупува по 45 денари, прва-втора за 35 денари, втора за 20 денари и трета класа за 15 денари по килограм. Сите произведени количини ќе бидат откупени“, кажа претставникот на конзервно – преработувачкиот сектор во Југоистокот, Петар Атанасов од Гевгелија.
Освен во домашните преработувачки капаците, голем дел од македонската „куртовска капија“ оди и за извоз. Најголем интерес во моментов има од Србија, Хрватска и Бугарија. Пиперките што се за извоз се откупуваат по цена од 50 денари.
В.Т. Извор https://lokalaktiv.mk/