вестиТоп вести

Сушните периоди како последица на климатските промени ќе имаат сè повеќе влијание врз земјоделското производство

Сушните периоди како последица на климатските промени ќе имаат сè повеќе влијание врз земјоделското производство

Последиците од климатските промени стануваат повидливи, а особено се  чувствуваат   во земјоделскиот сектор. Свеста кај земјоделските производители уште е на ниско ниво, а доколку не се применат соодветни адаптивни мерки, кај пченицата би дошло до намалување на приносот за 11% во 2025 односно за 23% во 2100 година, кај виновата лоза од 46% во 2025 до 59% во 2100 година и кај луцерката од 58% во 2025 до 70% во 2100 година. На оваа тема Зелена берза разговара со универзитетскиот професор при Факултетот за земјоделски науки и храна – Скоје  д-р  Зоран Димов.

З.Б. Што е она со што во моментов се соочува македонското земјоделство? Со какви последици се соочува македонскиот земјоделец

Проф. д-р З. Димов: Земјоделското производство веќе подолг период се соочува со бројни предизвици  предизвикани од глобалните климатските промени. Меѓународниот панел за климатски промени во својот четврт извешатј за процената на климатските промени од 2007 година предвидува понатамошно зголемување на температурата, промени во количините и распоредот на врнежите, зголемување на варијабилноста на климатските параметри и зачестена појава на екстремни климатски појави како што се суша, поплави, силни ветрови атипични за одредени региони, итн. Иако климатските промени на глобално ниво се констатирани пред неколку децении, иако нивните влијанија се добро познати врз одгледување на земјоделските култури, добиточниот фонд, врз водните ресуси, аграрните вложувања, и останатите компоненти на агроекосистемите, свеста за проблемите и последиците на климатските промени во земјоделството и понатаму не се доволно развиени, вложувањата и решенијата на проблемите се несразмерни, а систематски мултидисциплинарни истражувања се изведуваат само во најразвиените држави.

Кога се работи за земјоделството наспроти климатските проблеми, предизвикот е двоен:

  1. Oд една страна земјоделството мора да ги намали емисиите на метан, азот оксид и јаглерод диоксид како резултат на разните земјоделски активности, чија зголемена концентрација го предизвикува и интензивира ефектот на стаклена градина што резултира со загревање на атмосферата, и
  2. Земјоделството мора да се прилагоди кон тековните и идни климатски промени со цел намалување на негативните влијанија кои овие промени ги имаат и ќе ги имаат врз земјоделските системи.

Република Македонија со својата поставеност и географска положба нема да биде изземена и имуна на ваквите климатски случувања. Бројни анализи за влијанијата на климатските промени врз секторот земјоделство укажуваат дека сите неопходни параметри се менуваат во правец на создавање неповолни услови за земјоделско производство. Најважните фактори коишто предизвикуваат ограничување во земјоделското производство се дефицитот на вода, аридноста и појавата на сушниот период. Поради овие брзи промени, земјоделското производство во земјата ќе страда како резултат на зголемувањето на сушните периоди, односно ќе се прошират подрачјата со аридна клима. Климатските промени ќе имаат негативно влијание во речиси сите поважни земјоделски региони, но најголемите промени се очекуваат во централниот и југоисточниот дел на земјата.

Македонскиот фармер во голем број случаи работи во услови на екстензивно земјоделско производство. Оттука климатските промени во македонското земјоделство не може да се разгледуваат изолирано. Тие, заедно со ниските откупни цени кои многу често се рак рана за земјоделците, неорганизираноста, недостигот од едукација и инвестирање во нови технологии, малите приноси по единица површина, и др. се главните проблеми со кои се соочуваат земјоделските производители. Оттука и дилемата, дали македонското земјоделство е најперспективен сектор на македонската економија и може да претставува локомотива што ќе не приближи до развиениот свет, дека во него се крие богатство во кое со малку работа сите ќе се збогатат.  И покрај бројните слабости надеж има и мора да има, можеби само треба да се коригираме во очекувањата кои мора да бидат поиздржани и базирани на реална основа.

 

З.Б. Секторот за производството на храна најмногу ќе ги почувствува промените.  Кои региони во земјава и кои  култури ќе бидат најпогодени?

 

Проф. д-р З. Димов: Според резултатите од климатските сценарија до 2100 година разработени во Вториот национален план за климатски промени на национално и на ниво на региони во земјава, идентификувани се 3 чувствителните земјоделски зони рангирани според степенот на ранливост, и тоа:

  1. Најранлива земјоделска зона е регионот Повардарие, особено областа на устието на реките Црна и Брегалница со реката Вардар (Кавадарци);

2) Многу чувствителни зони се: југоисточниот дел на земјата (Струмица), јужната Вардарска Долина (Гевгелија), Скопско-кумановската Долина (Скопје) и Овче Поле (Штип);

  1. Помалку чувствителни зони се: Пелагонија (Битола), Полог (Тетово и Гостивар), и преспанско/охридскиот регион (Ресен).

Културите коишто доминираат во чувствителните региони се дефинирани како чувствителни култури. Нивната идентификација е направена според доминантноста во чувствителните области.

Во Република Македонија се идентификувани следниве чувствителни култури:

  1. винова лоза, како најважна култура во повардарскиот регион;
  2. домат, како најважна градинарска култура претежно градинарскиот земјоделски регион во југоисточниот дел на земјата (Гевгелија-Струмица);
  3. зимска пченица, како најважна житна култура во регионот Скопје-Куманово и Овче Поле;
  4. јаболко во преспанско/охридскиот регион, особено Ресен и
  5. луцерка, како култура со многу голема потреба од вода и огромно значење во сточарскиот сектор, која е загрозена во сите земјоделски региони на земјата, особено во битолскиот регион.

Доколку не се применат соодветни адаптивни мерки, кај пченицата би дошло до намалување на приносот за 11% во 2025 односно за 23% во 2100 година, кај виновата лоза од 46% во 2025 до 59% во 2100 година и кај луцерката од 58% во 2025 до 70% во 2100 година. Вкупната директна економска штета за трите анализирани култури би била речиси 30 милиони евра во 2025 година, и би се зголемила до 40 милиони евра во 2100 година.

 

З.Б. Што е она што треба да се преземе сега за во иднина да бидат помали последиците од климатските промени?

 

Проф. д-р З. Димов: Секој сектор треба да изврши свои прилагодувања за ублажување на негативните влијанија од климатските промени. Кога станува збор за земјоделството, мерките за адаптација кон климатските промени веќе подолго време се истражуваат и промовираат од страна на повеќе експерти од Факултетот за земјоделски науки и храна и од Земјоделскиот Институт во Скопје. Фокусот најчесто е ставен на: заштедата на вода со примена на капково наводнување и рационална техника за определување на времето и нормата на залевање; фотоселективни мрежи (од град и инсолација); агротехнички мерки за конзервација на водата и почвата, мерки за намалување на ерозивноста на почвите; мерки за зголемување на содржината на органска материја; одгледување на нови култури; примена на стимулатори за раст на коренот; прскање со заштитни материи за намалување на температурата на растенијата; одржување на температурата во пластениците и објектите за чување на домашните животни; фотоволтаично наводнување и многу други мерки кои се веќе тестирани во експериментални услови. Истите се промовирани преку показни експериментални фарми и преку низа  проекти со цел  покачување на свеста и знаењата кај земјоделските производители. И покрај многу добри ефекти на овие мерки сепак не се масовно применети пред се поради потребата од инвестиции и ниската економска моќ на македонскиот земјоделец.

 

З.Б. Има ли нешто што не се вика „стратегија“ и ќе може да помогне во целата ситуација, бидејќи од досегашното искуство се добива впечаток дека се изработуваат најразлични стратегии, но само на хартија и  не се чувствува никакво подобрување во ниту една сфера.

 

Проф. д-р З. Димов: Во право сте. Досега на ниво на држава изготвени се три национални комуникации, но и бројни стратегии, нацрт-докумнети и други публикации кои ја третираат проблематиката со климатските промени. Повеќето, ако не и сите се базираат на комјутерски платформи кои овозможуваат примена на модели, односно развој и примена на различни симулации применливи во земјоделството. Независно од бројноста на ваквите документи, мал број од нив стигнува во рацете на директните земјоделски производители, што значи многу малку од земјоделските производители се диретно вклучени во имплементирањето на мерки со кои негативните ефекти од климатските промени би се ублажиле. Но, има и позитивни примери. Со помоша на USAID и Мрежата за рурален развој на Р. Македонија во соработка со стручни тимови од Факултетот за земјоделски науки и храна и Земјоделскиот Институт од Скопје, во периодот 2013-2015 година се имплементираше проектот  „Примена на мерки за адаптација на земјоделството кон климатските промени“  каде на лице место, „in situ“ во склопот на стопанствата на земјоделски производители кои исто така беа вклучени во проектот, се применија мерки, кои не се скапи, лесни се за имплементирање, а имаат големо влијание во ублажување на негативните климатски влијанија. Проектот истовремено имаше и едукативна улога односно можност самите фармери со она што им беше покажувано, активно да учествуваат во проектните активности, како и улога на само одржливост односно стекнатите знаење фармерите да ги пренесат на своите соседи, пријатели со цел проектната активност да биде раширена кај повеќе лица кои се занимаваат со земјоделско производство.Така на пример, во овоштарството беа употребени заштитни мрежи,  избор на подлоги и сорти за специфични еколошки производни услови, се користеја адаптивни техники за садење на овошките, се употребуваа материјали за конзервирање на влагата во почвата, како и адаптичвни начини на резидба на овошките, потоа се имплементираше микронаводнување и фертиригација и нивно правилно користење, во лозарството се имплементираше Т-систем на резидба како начин кој го намалува штетното влијание на високите температури и сончевата радијација, се испитаа и препорачаа најдобрите смески од покровни култури кои треба да се вклучат во овошните и лозови насади, се испитаа различни типови мулчери и фотоселективни мрежи во градинарството, итн. Претпоставувам дека овој материјал во целсот и парцијално за секоја од секторите може да се најде на сајтот на мрежата за рурален развој. Што значи има и документи со резултати кои се базирани на реални истражувања и што е поважно, со директно и активно учество на земјоделски производители. Да се надеваме дека вакви апликативни истражувања ќе продолжат. Интересот е обостран – и кај науката и кај праксата.

 

П. Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close