“Управување со ризик на граничните премини”

(Oвој напис е објавен на: May 23, 2019)

На покана на Светската Банкарска Групација и Австриското министерството за финансии, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство ДВМ Зоран Атанасов, од 21 до 23 мај, во Виена Австрија, зема активно учество на Регионалниот настан за мерење на достигнувањата  на агенциите кои се наоѓаaт на граничните премини. Тој  се обрати како говорник на панелот  “Управување со ризик на граничните премини” на кој ги презентираше искуствата на нашата земја со вршењето на инспекциски контроли на граничните премини врз основа на проценка на ризик,соопштуваат од АХВ.

 

Во обраќањето тој наведе дека главна цел при спроведувањето на ваквата контрола е заштитата на здравјето на луѓето и животните и олеснување на меѓународната  трговија, преку воспоставување на поедноставени процедури при увозот на производи, намалување на финансиските трошоци при увоз и намалувањето на бројот на земени примероци за лабораториско испитување при увоз.

 

-Со примената на контрола при увозот врз основа на проценка на ризик, Агенцијата за храна и ветеринарство ги поедностави процедурите за увоз при што се намали времето потребно за контрола на граничните премини, а се зголеми оптималната употреба на персоналот на граничните премини. За 92 проценти намален е вкупниот број на земени примероци на храна од животинско потекло во 2018 година споредбено со 2014 година. Во 2017 година, земени се за 62 проценти помалку мостри од храна од не животинско потекло во споредба 2014 година, а притоа постигната е поголема заштита на здравјето на луѓето и животните преку точно насочените (таргетирани) инспекциски контроли – рече директорот Атанасов во обраќањето.

 

Ваквата пракса, додаде тој,  значи дека со помал број земени мостри откриени се поголем број на пратки кои не ги исполнуваат законските барања. На ваков начин, направени се и финансиски заштеди во буџетот на државата.

 

-Бенефит од ваквиот начин на контрола на граничните премини имаат и увозниците. Ним им се намалени финансиските давачки поврзани со увозот, а се постигнува и побрз проток на производите кои се увезуваат – истакна тој, позитивно оценувајќи го ваквиот начин на вршење на инспекциски контроли на граничните премини и упатувајќи препорака до сите земји во регионот, посебно за земјите членки на ЦЕФТА и оние кои се во процес на ЕУ интеграција да го имплементираат овој модел на контрола при увоз.

 

Во рамки на овој настан, директорот Атанасов оствари повеќе билатерални средби со учесниците, меѓу кои и со  Виолане Конар Лејси, од Програмата за поддршка и олеснување на трговијата при Светската Банкарска Групација.

Share Button