fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Земјоделците треба да се едуцираат за производство со намалени емисии на стакленички гасови

Со намалување на отпадот од храна и намалување на индивидуалната потрошувачка на прехранбени производи, можеме да придонесеме за намалување на емисиите на стакленички гасови од земјоделството.

Одржливото земјоделство кое има минимален импакт врз животната средина и врз емисиите на стакленички гасови е тренд и цел кон која се стремат многу развиени држави во светот. Климатските промени се една од најголемите закани за човештвото, која не може да се надмине без промена на земјоделските практики. Земјоделството е еден од најголемите емитери на стакленички гасови и кај нас, а според податоците од Националниот инвентар на стакленички гасови во РСМ, речиси 90 отсто од емисијата на метан е последица на преживањето на говедата. Исто толкав процент на емисиите на диазот оксид (N2O) е последица на метаболичките процеси кај домашните животни и на складирањето, преработката и управувањето со арското ѓубре, објавува Мета.

Земјоделците во нашата држава не се доволно информирани за влијанијата од нивните активности врз климатските промени и деградацијата на животната средина која ја предизвикуваат, сметаат од Центарот за климатски промени. Тие сè уште користат застарени технологии и методи, многу ретко ја практикуваат добрата земјоделска пракса, а голем дел од нив не се ни свесни за овој кодекс кој е задолжителен за сите кои користат субвенции.

„Многу мал дел од земјоделците во земјава прифаќаат нови методи и практики за поефикасно и одржливо земјоделско производство. Малкумина користат современа механизација, но затоа, пак масовно се практикува земјоделско производство со хемиски средства и вештачки ѓубрива за одржување на родот и зголемување на приносот. Токму поради тоа од суштествено значење е едукацијата на земјоделците со што ќе се зголеми нивната информираност како и нивната одговорност за намалување на влијанијата врз животната средина“, смета Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени.

Покрај промените кои се очекуваат од производителите, и менувањето на навиките на потрошувачите може да игра голема улога во дополнително намалување на емисиите на стакленички гасови поврзани со храната. Месото и млечните производи се тие кои имаат најголем глобален отпечаток на јаглерод, како и користење на суровини и вода по килограм.

Станојевска-Пецуровска посочува дека со намалување на отпадот од храна и намалување на индивидуалната потрошувачка на прехранбени производи, можеме да придонесеме за намалување на емисиите на стакленички гасови од земјоделството.

„Кога зборуваме за земјоделството и влијанијата врз климатските промени неопходно е да се земе предвид и целиот ланец од производство на храната, складирање, преработка, пакување, транспорт, подготовка и послужување и на крајот одложувањето на отпадот и отпадот од пакување. Секоја од фазите на обезбедувањето храна ослободува стакленички гасови во атмосферата“, нагласува Станојевска-Пецуровска.https://meta.mk/zemjodelcite-treba-da-se-educiraat-za-proizvodstvo-so-namaleni-emisii-na-staklenichki-gasovi/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close