fbpx
ВестиТоп вести

Есенската сеидба во Пелагонија реализирана во 90 проценти од планираното

Агенција за поттикнување на развојот на земјоделието-Битола  

 

 

kancelarijata na aprz vo karbinci ne raboti

 

Есенската сеидба во Пелагонискиот Регион иако задоцни, сепак до денес е завршена во 90 проценти од планираното, вели за „Зелена берза“  Зоран Бардаковски од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделието со седиште во Битола.

-Заради сушниот период кој го зафати Пелагонискиот Регион  од јуни до месец октомври кога наврнаа само околу стотина литри дожд по метар квадратен (за споредба само во месец мај имаше 130 литри на метар квадратен), задоцни есенската сеидба која традиционално почнува околу 1 октомври. Најпрво се сее јачменот , па пченицата. Заради настанатите услови целата постапка се одвиваше со задоцнување, оптималните рокови истекуваа. Сега веќе започна есенската сеидба во неповолни услови со тешка обработка на земјата, затоа најнапред површините ги обработија покрупните земјоделци кои што имаат поголема механизација , зошто потребна е поголема енергија за да се обработи посувата земја. Пред  две недели сеидбата беше околу 60 проценти реализирана , но со дождовите што наврнаа деновиве, според наша проценка е околу 90 проценти завршена, вели Бардаковски, додавајќи дека на сеидба чекаат  уште помали површини од поситните земјоделски производители кои на нивите имаа засадено други култури, најповеќе тутун.

Бардаковски вели дека задоцнетата есенската  седиба нема да остави последици по родот, бидејќи имало години кога со сеидбата се стартувало и после втора половина на месец  декември.

-Очекуваме се да биде во нормала во  развојот  на растението, но ќе почекаме да видиме, зошто во други фази од развојот и вегетацијата  потребни се поголеми количини на вода, вели Бардаковски.

Во споредба со соседна Србија  според него Македонија има многу помали приноси кај пченицата.

-Во Србија на хектар земја произведуваат 6 до 8 тони пченица, кај нас според статистичките податоци тие приноси се околу 4 тони. Значи потребно е да се применат  соодветни агротехнички мерки и сорти за ова поднебје и овие  услови за да има поголеми приноси и секако поголем профит кај земјоделците, вели Бардаковски.

  

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close