fbpx
ВестиВиноМакедонијаТоп вести

Лозарите и винарниците отсекогаш на различна фреквенција

Она што може да го надмине проблемот во лозарството е договорно производство и измени на Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за вино со воведување на банкарска гаранција.

Од наш агол

Лозарите и откупувачите на винско грозје никако да се најдат на иста фреквенција. Ниските цени што ги нудат откупувачите и годинава им зададоа главоболка на производителите на винско грозје кои и онака ги тиштат натрупаните проблеми. Хаосот во лозарството се чини како да е наследен, и се провлекува од година во година.

Трудот на лозарите никако да се вреднува како што треба, ама затоа пак цените на флашираните вина растат ли растат.

И покрај ваквата состојба лозарите не покажуваат единство. За едни помошта од државата (дополнителни 4 денари за килограм предадено грозје, наменето за преработка во вински дестилат и гроздов сок) и постигнатите цени за „смедеревка“ и „вранец“  и не е така лош пазар, а други, настрана владините субвенции, сметаат дека ниски се цените на откупувачите и крајно неприфатливи. Разликата во размислувањата и ставовите произлегува од тоа дали лозарството е основна или дополнителна дејност. Па додека лозарите да се усогласат и да заземат заедничка стратегија, се смешаа политичарите па констатира дека „не се штрајкува кога е време за берба, грозјето не може да стои и да чека“.

Сепак и лозарите и откупувачите факт е дека треба да се прилагодат кон реалните услови на пазарот, и не смеат да заборават дека се работи во услови на пандемија и реално и годинешната поддршка за лозарите е од Ковид програмата на владата.

Дека и годинава не штима со откупот на грозјето се изјасни и Национална федерација на фармери. И за неа откупот повторно е неплански со голем број на манипулации кои се на штета на лозарите, оцени НФФ преку својот потсекторски систем, откако на почетокот на бербата ги согледа состојбите со откупните цени. Пресметките за реалната цена за производство на грозјето се повисоки од оние што ги нудат откупувачите.

Секоја година НФФ прави пресметка за производната цена на грозјето, која излегува дека е 15 денари по кг. Оваа година статистичките податоци се потврдени и од страна на релевантни институции, па на барање на НФФ од Земјоделскиот институт е доставена пресметаната единечна производна цена на грозјето која изнесува 11 ден по кг, додека производната цена на винското грозјето со амортизација ( во амортизација влегува и работниот труд) изнесува 15 денари по килограм. Лозарите сметаат дека треба да се вкалкулира и амортизацијата на лозовите насади, бидејќи тие нагло се сушат, особено „вранецот“.

Но, заклучокот на Федерацијата е дека со ваквите ниски откупни цени само се уназадува лозарството, кој е еден од значајните сектори во земјоделството, посебно за производство на вино кое е извозно ориентирано и значајно за БДП на државата.

Индивидуалните лозари се основа за производство на винското грозје

Фактите пак, говорат дека околу 48.000 земјоделски стопанства во државата поседуваат лозја. Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје 70% се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства (чија површина се движи од 1 – 4 хектари). Токму овој податок според Федерација покажува дека индивидуалните земјоделски стопанства се основа за производство на винското грозје и затоа треба да се работи за нивен развој и економско јакнење, како и воспоставување на вистински договорни односи помеѓу винарниците и лозарите се со цел лозарството и винарството да се развива и понатаму да биде препознатлив бренд на нашата држава.

Откупот на грозјето да се уреди како откупот на тутунот

Дел од лозарите, пак сметаат дека владата треба да го субвенционира копачењето на лозовите насади, заради вишокот на грозје, а не да дава субвенции на нови насади, зошто нови насади садат претежно винарските визби на своја земја.

Во целата оваа приказна никако да се најде решение и за навремената исплата на грозјето. Винарниците должат по „традиција“, а за жал има лозари кои од пред неколку години ги немаат добиено своите пари за предадениот род. Лозарите чија основна дејност е лозарството бараат да бидат први и навремено исплатени, до Нова година, и да не се ставаат ист кош со оние лозари кои лозјата ги работат како дополнителна дејност

Затоа она што може да го надмине проблемот е договорно производство и измени на Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за вино со воведување на банкарска гаранција, онака како што е уреден откупот на тутунот, бараат засегнатите страни. Само така лозарите ќе можат да инвестираат во нови површини, а нивниот труд  да биде соодветно вреднуван и да има развој во лозаропроизводството во државата.

 

Христина Фуна

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close