fbpx
Вести

Органска храна – агро бизнис во подем

hrana

Органската храна е се популарна во светот, а овој тренд полека доаѓа и во Македонија. Таа е и навистина профитабилен агро бизнис но засега опфаќа само околу 3% од вкупниот земјоделски сектор во земјава. Сепак, бројот на успешни примери расте од година во година како што расте и побарувачката за нивните производи.

Успешни примери на органско производство

Се повеќе Македонци се одлучуваат да влезат во бизнисот со органска храна. Оние кои беа вистински пионери пред десетина година сега служат како успешни примери кои ги поттикнуваат своите соседи, роднини, пријатели.

„На почетокот беше навистина тешко, пред се додека успеавме да се прилагодиме на различниот начин на работа, додека како што се вели не застанавме на нозе. Сега се е полесно, органското производство не е многу поразлично од традиционалното а заработката е и неколку пати поголема“ објаснува Горан Николовски кој веќе шест години има плантажа со органски малини и капини во близина на Демир Капија.

Неговото производство е речиси 100% наменето за извоз.

„Кај нас нема голема побарувачка пред се поради цената. Нема ни пласман, ретко кој бара органски овошки. Но, затоа на Запад е сосема поинаку. Ваквите малини и капини се навистина ценети“ вели Николовски кој има склучено договор за пласман со српска компанија која потоа производите ги препакува и ги реизвезува пред се во Германија и Франција.

Позитивно искуство има и Петар Стефановски од Пехчево кој пред четири години почнал да произведува органска аронија.

„Само 10% од родот го продавам во Македонија, како свежа аронија. Остатокот го сушам и оди за извоз. Засега сум задоволен. Вложеното го вратив па се што ќе произведам натаму ќе ми биде чиста заработка“ вели тој.

Кратка историја на органското производство во Македонија

Органските производи во Македонија се појавуваат пред помалку од две децении.

Првиот чекор го прави „Алкалоид“ во 97-та кога почнува да прави органски чаеви од собрани самоникнати растенија.

Следната година 5 земјоделци почнуваат да ги практикуваат правилата за вакви производи и да ги пласираат на однапред познати купувачи.

Првиот Закон за органско производство беше донесен во 2001-та кога беа основани и првите здруженија на органски производители. По ова следеше утврдувањето на подзаконски акти и правилници кои ја регулираат оваа дејност.

Во 2006-та е одржана е првата манифестација „Ден на органското производство“.

Во 2010-та почна да се спроведува Национална кампања за промоција за органското земјоделско производство.

Што во суштина претставува органската храна?

За еден производ да се смета за „органски“ треба да има сертификат кој потврдува дека исполнува строги критериуми: не смее да содржи никакви вештачки и хемиски состојки, тие не смеат да се користат ниту за ѓубрење на почвата ниту за заштита од штетници и на адитиви и конзерванси во конечниот производ, апсолутно е забранета употребата на генетски модифицирани организми, површината на која се одгледува најмалку две претходни години не смее да биде третирана со недозволени препарати и мора да има јасно означени граници односно растенијата да се заштитени од можна контаминација од препаратите кои се користат на соседните површини.

Најчесто под органска храна се подразбира овошје и зеленчук, но понекогаш изразот се користи и за храна од животинско потекло одгледана на здрав и природен начин – во исхраната не смеат да се користат хормони кои вештачки го подобруваат растот, ниту било какви лекови, како ни други вештачки средства, има и многу строги ограничувања во примената на антибиотици кај добитокот.

За да се добие сертификат за органско производство треба да се поминат повеќе процедури и контроли, а и во текот на целиот процес се прават проверки.


 

денар.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close