
Очекуваната промена на времето не ги донесе количествата врнежи со кои ќе се ублажеше сушата и истите требаше да допринесат за непречено изведување на есенската сеидба која е во сериозен застој.
Состојбата останува и понатаму непроменета, сушата зема се поголем замав, голем дел од земјоделските работи се одложуваат а тоа е и единствената можност во вакви прилики.
Стабилизацијата на времето во текот на наредната седмица само дополнително ја усложнува целокупната состојба, се додека не добиеме врнежи со количества од најмалку 30-40 л/м2 кои се неопходни за почеток на полските работи, а такви прогнози и најави барем засега нема, информираат од УХМР.
Денес се бележи и драстичен пад на нивото на реките во државата.
Пет пати пониски од просекот за ноември се нивоата на реките Треска кај Македонски Брод и Сатеска кај Ботун.
Според УХМР, за четири пати е намалена Црна кај Р.Б. Мост, а преполовени се Црна кај Новаци, Крива Река кај Крива Паланка, Пчиња кај Пелинце, Вардар кај Демир Капија и Црн Дрим кај Ложани.
Извесни покачувања бележи Вардар кај Јегуновце и кај Скопје.
Промени има и во водостојот на Дојранското Езеро, чие ниво е намалено за речиси три сантиметри.