Започна откупот на грозје. Оваа сезона е послаба од ланската. Квалитетот на грозјето задоволува, но врнежливото време причина за намален род. Доколку не се преземат соодветни мерки лозарството ќе има тешка иднина.
Винариите во државата подготвени го дочекаа откупот на винското грозје. Како и секоја година, по некое непишано правило се појавуваат исти проблеми, но се бара излез и решение. Лозарите очекуваат повисоки цени, а винариите откупуваат по цена што ќе им обезбеди конкурентност на пазарите. Оваа сезона цените се повисоки во споредба со ланските, бидејќи има зголемена побарувачка.
„Во спредба со ланската сезона оваа се очекува да биде послаба. Родот е намален за 20 – 30%“, вели за Зелена берза Никола Деребанов од винарија Стоби.
„Ги следиме тековите на странските пазари оти работиме со наливно вино, така што откупнитер цени многу зависат од оние на конкуренцијата. Оваа година планираме да преработиме 5,5 милиони кг. грозје. Започнавме со откуп на сортите Шардоне, Темјаника, Мускант и др., а потоа ќе преминеме на црн Бургундец“ додава Деребанов.
Грозјето се откупува по цена од 23 – 27 ден/кг
„Откупот започна без проблеми. Квалитетот на грозјето е задоволителен. Годината беше многу тешка. Оние лозари што успеаја навреме да го заштитат грозјето, од болести што се појавија како причина од врнежливото време, ќе имаат добра година, за разлика од оние што не успеале навреме да го заштитат родот, ќе имаат тешка година. Откупните цени на грозјето јавно ги имаме објавено и се движат од 23 – 27 ден. во зависност од сортата. Исплатата на откупеното грозје го вршиме на неколку рати и до април идната година ќе биде целосно платено. Од ланската реколта сите лозари се исплатени“ , вели Деребанов.
70% од производтсвото на Стоби е наменето за странските пазари
Во винаријата Стоби 70% од производството е наменето за извоз. Очекувањата се секоја година да се зголемува производството. Како што информираат за Зелена берза 1/3 од производството оди за американскиот, кинескиот и други странски празари и се надеваат дека овој тренд ќе оди во нагорна линија.
Иднината е во флашираното вино, а само со конкурентска цена може да се опстане на странските пазари
Иднината ја гледаат во флашираното вино. Сепак состојбата не е едноставна и за да може оваа дејност да оди напред под итно е потребно државата да воведе нови мерки и да се направи нова стратегија бидејќи ако се продолжи вака постои опасност од намалување на површините со грозје и напуштање на лозарството.
„Потребна е поголема поддршка од државата. Добиваме субвенции за саемски промотивни настани. Државата покрива дел од трошоците, но потребни се посериозни мерки и долгорочна стратегија за поголема промоција на виното. За флашираното вино цените се повисоки, така и лозарите ќе може да добијат повисока цена. Треба да се работи на изградба на бренд, без изграден бренд не може да има иднина и цените ќе бидат ниски“ посочува Никола Деребанов од винарија Стоби.
Македонија е мала земја, но за да се опстане на странските пазари мора да се понуди конкурентска цена. Конкуренцијата надвор е многу голема токму затоа е потребна добро изработена стратегија.
Павлина Јовановска
Зелена берза