Технолог открива колку долго може да стојат варените јајца по Велигден
Велигденските јајца се бојадисуваат два дена пред Велигден, кој потоа се слави од недела до вторник, па често се прашуваме колку долго варените велигденски јајца, всушност, можеме да ги јадеме.
Тврдо варените јајца се вкусни во текот на целата година, но се најпопуларни за време на Велигден. Но, пред да почнете да уживате во оваа намирница, добро е да знаете колку долго се безбедни за консумирање по празниците.
Според Одборот за јајца на Америка, најдобро е тврдо варените јајца да се чуваат во фрижидер, а не во корпа на масата како што тоа го прават луѓето во текот на велигденските празници. Доколку се сè уште во лушпата, ќе останат безбедни една недела по варењето, додека излупените треба да се изедат истиот ден. Не се препорачува замрзнување на варените јајца, без разлика дали се со или без лушпа.
Значи, ако ви останале варени јајца од Велигден, задолжително искористете ги до крајот на неделата. Расипани јајца ќе ги препознаете многу лесно – по мирисот. Расипаните варени јајца обично мирисаат силно на сулфур, којшто и се опишува како мирис на расипани јајца. Ако не сте сигурни дали јајцето стоело предолго, едноставно фрлете го. Не вреди да се ризикува, пишува „Кантри ливинг“.
Технологот за храна, д-р Ана Калушевиќ, за РТС изјавила дека велигденските јајца се безбедни за консумирање до седум дена по варењето , објави https://www.slobodenpecat.mk/
– Ако ги чуваме јајцата ладни, односно во фрижидер, се препорачуваат пет до седум дена. Но, често ни се случува корпите со јајца да стојат на собна температура многу долго, особено за Велигден, а тоа го намалува рокот на траење – забележува д-р Ана Калушевиќ.
– Треба да извадиме само онолку јајца колку што ќе изеде семејството. Знаеме дека таму каде што има деца, многу повеќе јајца се кршат, така што тие скршени јајца имаат и пократок рок на траење – никако не можат да издржат седум дена, туку треба да се изедат максимално во следните два до три дена. Предлогот е јајцата да се чуваат што е можно повеќе во фрижидер или барем во многу ладна просторија, доколку имате шпајз или слично – препорачува технологот.