Теренската кампања за подобра информираност на земјоделците од Неготино и Кавадарци
Целта на средбите е да се доближат новите мерки и програми до земјоделците за нивна подобра информираност и поттикнување да аплицираат на повиците кои веќе се во тек или ќе се објавата наскоро.
Тимовите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Платежната агенција и Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, денеска во рамките на теренската кампања беа во регионот на Неготино и Кавадарци, каде остварија повеќе средби со земјоделци. Целта на средбите е да се доближат новите мерки и програми до земјоделците за нивна подобра информираност и поттикнување да аплицираат на повиците кои веќе се во тек или ќе се објавата наскоро.
Првата средба се одржа во Неготино на која присуствуваа претставници на малите семејни винарии и сопственици на мали дестилерии, кои се потенцијални апликанти на новиот повик за мали винарии и десетилерии кој веќе е во тек. На средбата, детално им беа објаснети условите дефинирани во повикот, и можностите кои ги добиваат доколку аплицираат и добијат грант до 10.000 евра по корисник, со кој можат да набават опрема за производство. Рокот за аплицирање на овој повик истекува на 01. април.
Понатаму теренската агенда продолжи со посета на жени земјоделки од општина Кавадарци и општина Неготино, кои произведуваат маџун и ајвар. Во неформален разговор беа информирани за јавниот повик за мали производители на храна од неживотинско потекло, од новата програма која е со фокус токму на малите производители. Она што е клучно е дека за да може да аплицираат потребно е и да се регистрира во АХВ како оператор со храна, при што беше нагласено дека постапка за упис во АХВ е едноставна. Тоа е и целта на кампањата директно да се запознаат земјоделците со сите информации, како да се регистираат и како да учествуваат на повикот со кој можат да добијат грант до 10.000 евра и кој истекува на 02–ри април. Покрај ова, земјоделките добија информации и за мерката Рурална жена и за новата мерка наречена бизнис план во земјоделството. Повикот за оваа мерка наскоро ќе биде објавен со цел земјоделците да имаат доволно време за подготовка на сите потребни документи вклучувајќи и бизнис план за производство.
Во Неготино, теренската активност продолжи со посета на малата семејна винарија Максимилијан која се наоѓа во село Пепелиште. Сопственикот поседува своја земја од десет декари каде одгледува грозје кое го користи за производство на вино во својата винарија. До сега има искористено грант до 10.000 евра за мали винарии и грант за млад земјоделец од 20.000 евра. Семејната винарија Максимилијан има учествуано на неколку меѓународни саеми како винскиот саем Отворен Балкан во Белград и СлоуВајн во Болоња. До сега има добиено повеќе домашни и меѓународни награди а како поважни се наградата на Балканскиот вински натпревар BWC каде освоил бронза за каберне франк и големо злато за вранец од Здружение на енолози на Македонија. Малата винарија Максимилијан е добра пример за искористеност на мерките на министерството и треба да ги поттикне и останатите мали производители на вино да се регистрираат и да бидат корисници на можностите кои ги нудат новите програми.
Со цел максимална ангажираност на сите вработени во подрачните единици на институциите од областа на земјоделството, министерот Николовски и директорот Бачовски одржаа состанок со вработените. При тоа беа споделени детални информации за новите мерки и програми, за јавните повици кои веќе течат и беа дадени насоки за промоција на активностите меѓу земјоделците во рамки на општините Неготино и Кавадрци, секој во својта општина да придонесе за подобра информираност на земјоделците.
Посебен тим ја посети компанијата Темов Фруит – откупувачи на трпезно грозје. На средбата се разговараше за можностите кои ги нуди новата ИПАРД 3 програма. Има доволно време до објавувањето на првиот повик за оваа програма, а овој период ќе биде искористен за теренски активности и запознавање на малите компании со предностите кои ги нуди оваа програма.
Кампањата со редовни теренски активнсоти и средби со земјоделци и компании ќе продолжи и во наредниов период.