Тестенините од утре поевтинуваат за 15, млечните производи за 10 отсто
До 31 мај ќе биде во сила и одлуката за замрзнување на цената на млечните производи: трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.
Тестенините од утре треба да поевтинат за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти. Нивните цени се намалуваат согласно со одлуката што Владата ја донесе минатата недела.
Со одлуката, од тестенините опфатени се макароните и шпагетите. За нив, од 13 март до 31 мај годинава се укинати увозните царински давачки. Само со укинување на царината, според пресметките на Владата, нивната цена се намалува за осум до девет денари во просек во малопродажба. Од Владата очекуваат намалувањето да биде и поголемо.До 31 мај ќе биде во сила и одлуката за замрзнување на цената на млечните производи: трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера соопшти дека при крај се и анализите кои треба да покажат дали ќе бидат замрзнати цените на шеќерот, јајцата и оризот.
-Владата ќе причека анализите да стигнат официјално од Министерството за економија, за да се продискутираат, изјави Битиќи по средбата со претставници на Германското стопанство.
Според Битиќи, засега е многу мало намалувањето на цените на тестените и млечните производи, но од утре тие треба да бидат пониски за 15, односно 10 проценти.
-Намалувањето е многу мало, но реакциите се позитивни дека на 16 март сите веќе ќе имаат намалени цени, според она што беше дефинирано. Секако на 16-ти март, производите ќе стигнат до цената која е зададена, не гледаме дека нема волја од другата страна, рече Битиќи.
Одлуките за замрзнување на цените, како што нагласи вицепремиерот, не се носат за да се наштети некому, туку за доброто на сите граѓани.
-Секоја мерка се носи за добро на граѓаните. Не сакаме да нанесеме штета со воведување мерки „од денеска за утре“ зашто сме свесни дека одредени суровини се со одредена цена. Затоа дадовме временски период од скоро една недела, за компаниите да потрошат одредени залихи и да почнат со замрзнати, пониски цени. Секоја мерка се носи за доброто на граѓаните, притоа не сакаме да нанесеме штета никому зашто заеднички настапуваме во периодот на криза за да излеземе од неа, изјави Битиќи.
Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најавуваат дека ќе излезат на терен и ќе постапуваат веднаш по стапувањето во сила на одлуките на Владата. Казните за непочитување на одлуките изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.
На 28 февруари годинава Владата ја замрзна и цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Пекарската индустрија по неколкудневен прекин на производството и испораката повторно почна да доставува леб, но најави дека ќе поведе правна постапка за наплата на штетата од владината одлука која на месечно ниво, според нивните проценки, изнесува над 1,5 милиони евра.