Тетовските земјоделци немаат локација за продажба на тоа што ќе го произведат
На тротoари и на улици. На овие јавни површини претежно може да се најде домашното земјоделско производство во населбата Горна Чаршија во Тетово. Земјоделците нема каде да го продадат тоа што ќе го произведат, па прават импровизирани тезги, но и од приколки од трактори го продаваат сезонското овошје и зеленчук.
Сега најмногу може да се забележи како се продава зелката. Од тоа што се гледа се работи за висококвалитетна зелка. Тетовските земјоделци велат дека имаат продажба, се работи за зелка со проверен квалитет и ниска цена, но проблем е што мора со години да продаваат на јавни површини.
-Јас не знам некој во Македонија да продава земјоделски продукти на улици и тротоари тоа никаде го нема, срамота е, не знам што да речам. Од една страна е опасно, тука врват автомобили. Мора овој проблем да се реши. Општинските власти во неколку наврати ни ветуваа дека ќе отворат пазар на големо, нас тоа ни фали, но од ветеното ништо не направија, изјави Беким Арслани земјоделец од Голема Речица.
Поради ваквата состојба земјоделците но и купувачите се изложуваат на опасност. Поради гужвите помеѓу овие импровизирани тезги физичката дистанца е невозможно да се одржи. Но друг избор велат земјоделците немаме. Мора ние тука да продаваме.
-Ние постојано бараме пазар на големо, но ништо не добиваме. И за тука што седиме на тротоари и улици ни земаат пари, а имаме висококвалитетни производи, но бадијала. Знаеме дека е ризик, сега има вирус КОВИД 19 треба дистанца, ама мораме да ги продадеме некаде нашите производи. Градот очигледно не мисли на нас, гледаат само на себе. А таму на пазарот во центарот на Тетово пола од тезгите се со облека, тука треба да се продава зеленчук и овошје а не облека, изјави Менаф Асани производител на зелка од Мала Речица.
Од Општина Тетово во неколку наврати најавуваа дека ќе отворат пазар каде своите производи ќе можат да ги продаваат тетовските земјоделци на големо, но и на мало. Беше ветувано дека локацијата наспроти автобуската станица ќе биде пазар на големо, но дел од оваа парцела се издаде на приватна фирма, а на останатиот дел се изгради Скејт парк, кој сега веќе е целосно уништен.
Имаше најава дека локацијата кај поранешниот Воспитно – поправен дом ќе биде пазар на големо, но таму работите за уредување на пазарот започнаа лани и за неколку недели запреа. Сега Тетово нема ниту пазар на големо ниту пак откупни центри, па домашните земјоделци се снаоѓаат како знаат и умеат, а најчесто продаваат на диво узурпирајќи ги јавните површини.
Зоран Димовски