Тиквешијата годинава мириса на казани за ракија и револт од ниските откупни цени
Како навлегува откупот на грозјето во завршната фаза така лозарите се повеќе гледаат во облаците. Врнежите се повеќе ги загрижуваат дека нема да стаса целото грозје годинава да се собере од по плантажите бидејќи после секој врнежи кои ги има деновиве околу три дена не може со механизацијата да се влегува во лозјата за да се дособере родот. Според колоните кои се забележуваат на двата откупни пункта кои откупуваат грозје со послаб квалитет наменето за преработка во алкохолен дестилат протокот на откупот е недоволен за да може да стаса навреме што исто така ги загрижува лозарите. Но тоа што годината и климатските услови се такви и не се баш наклонети кон лозарството не ги револтира толку колку што се револтирани на односот на откупувачите кон производителите на основната суровина од која тие прават милионски профити. Заради корона кризата годинава винариите имаат намелена продажба на вино и имаат залихи но тоа беше само како повод да се намалат цените далеку под реалните и што уште повеќе ги револтира далеку под договорените. Имано годинава винариите на состаноците со владините претставници договараат едно а во пракса тоа што самите го договориле не го почитуваат. Проблемот со непочитувањето на договорените откупни цени за винското грозје се преслика уште подрастично на откупните цени на грозјето за дестилат.
-На средбата со сите релевантни владини претставници, откупувачите и здруженијата на лозарите беше договорено наместо да се мерат шеќерните единици на грозјето со послаб квалитет и во однос на тоа да се формира откупната цена, за да се забрза целиот процес на откуп договорено беше винариите да го земаат за 4 денари целото грозје а на таа откупна цена државата да даде 4 денари субвенција и плус 4 те денари кои следуваат за сите лозари годинава за доплата на разлика во цена односно за грозјето за дестилат беше договорено да добијат 8 денари субвенција што заедно со 4те денари од винариите да дојдат и тука лозарите до цена од 12 денари за килограм. Но при откупот дел од винариите и на договорените 4 денари кратеа па кога дојдоа до денари и пол соочени со револтот и реакциите од лозарите и властите цените ги коригираа на 3 денари што сепак е кратење на еден денар од алчните газди од и онака мизерните пари кои ги земаме годинава за маката и трудот кој сме го вложиле во производството на грозјето рече Ѓорги Мешков лозари и член на УО на здружението напредни лозари.
Оние лозари кои не сакаа да бидат уценети и понижени од винариите сега имаат полни раце работа. На големо се инвестира во гас и по цели денови се пече ракија која барем нуди шанса да се валоризира на некој начин трудот во одгледувањето на лозовите плантажи целата година. Сепак поголем е бројот на оние лозари кои немаат вакви услови и зависат од винариите и од откупот.
-Уште има големи проблеми на терен при откупот. Апелираме до надлежните да се следи откупот на грозјето до крајот и да не нè остава на пола пат.. Потребни нѝ се инспекции и контроли на сите ваги како што тоа се прави при откупот на тутунот. Само со таков модел може да им се помогне на лозарите при откупот бидејќи попусти се договарањата кога на терен не се почитуваат и никој не презема ништо да ги заштити лозарите. Договорено беше грозјето за дестилат да се откупува по 4 денари а има случаи кога се откупува и за денар и пол и два , рече Трајче Кулев претседател на здружението напредни лозари.
Владата на денешната седница како точка на дневен ред има одлука за измена на програмата за финансиска поддршка во земјоделството односно се очекува да ги вметне договорените 4 односно 8 денари во субвенциите и начинот на нивна исплата.
З.Б.