Тони Петковски – Паша: Сточарите си ги бараат субвенциите за предадено млеко, некои добија пари некои не
Ветено им е на сточарите и земјоделците дека субвенциите ќе се исплатат по завршување на изборите
Сточарите си ги бараат субвенциите за предадено млеко за 2025, дел од одгледувачите на крави добија пари за млекото пред избори за трите месеци од 2025 , дел за два месеци, а најголем дел не добија ни денар, вели Тони Петковски-Паша, сточар од селот Велушена претставник на здружението „Пелагониско поле“. Државата им должи на сточарите за предадено млеко за 2025 година.
-Изборите завршија во најголем дел од општините, а сточарите си ги бараат ветените субвенции за млекото предадено во откупувачки капацитети за 2025 и воопшто си ги бараме сите недоисплатени субвенции кај многу земјоделци и сточари. На последната средба со министерот Цветан Трипуновски во село Оптичари ни беше ветено дека кога ќе завршат изборите се е спремно за исплата на заостанатите субвенции.
Дел од сточарите зедоа пари за три месеци за млекото, дел за два месеци, а добар дел воопшто не зедоа пари. Препораките за оние што не се воопшто исплатени се да проверат дали должат кон државата за неисплатена пашарина, вода за наводнување или даноци кон УЈП“, изјави сточарот Петковски за „Зелена берза“.
Во јуни годинава директорот на АФПЗРР Илија Стоилев во емисијата „Студио 10“ на 24 ТВ рече дека
„16 месеци доцнење на исплата во делот на сточарството за мене како личност, како добар познавач на оваа проблематика е недозволиво. Сточарството е трудоинтензивна гранка каде 365 дена се работи, нема никаков одмор и тие производители да чекаат толку долго е некоректно кон нив и со право реагирале. Направивме напори во еден краток период да ги исплатиме сите заостанети субвенции, околу 17 милиони евра по основ произведено и предадено млеко во откупни центри. Сега ги чекаме последните информации-податоци од млекарниците за предаденото млеко за период до јуни и веднаш во првата половина на јули ќе биде исплатен првиот квартал од 2025 година. Значи не станува збор за доцнење туку ќе имаме еден фер пристап према млекопроизводителите. Мора да обрнеме повеќе внимание на сточарското производство оти таму се направени најголемите неправди во делот на субвенционирањето. Премногу се доцнеле субвенциите и е намален сточниот фонд. Завод за статистика тоа го кажува дека е намален, а едно од причините е и тоа, изјави директорот на платежната агенција, Илија Стоилев ова лето.





