fbpx
Вести

Топ 100 најизвезувани производи

Меѓу 100-те најизвезувани производи од Македонија има многу малку готови производи со повисока фаза на доработка или производи за крајна потрошувачка. Меѓу нив се автобуси, лекови, блузи, кошули и други текстилни производи кои се произведуваат по лон принципот, потоа цигари, бисквити, ајвар, колбаси. Најголем дел од клучните македонски извозни производи ги произведуваат компании во странска сопственост кои произведуваат во слободната економска зона за што од државата добиваат огромни поволности и бенефиции. Дури половина од извозот лани е направен со 10 производи, а од нив на една рака се бројат готовите производи кои имаат повисока додадена вредност или доработка.

top 100 najizvezuvani proizvodi

 

Конкурентноста на една економија најдобро се огледува преку нејзиниот извоз. Ако се мери конкурентноста на македонската економија, тогаш таа е прилично слаба. Извезуваме премалку производи, а од нив уште помалку се со повисока додадена вредност.

Дури половина од извозот лани е направен со 10 производи, а од нив на една рака се бројат готовите производи кои имаат повисока додадена вредност или доработка.

Најголем дел од клучните македонски извозни производи ги произведуваат компании во странска сопственост кои произведуваат во слободната економска зона за што од државата добиваат огромни поволности и бенефиции. Останатите извозни производи се сведуваат на суровини, како феро никел, феро силициум, суров тутун,руди на олово, бакар и цинк, производи од железо и челик и свежо овошје и зеленчук.

На пример, во првите 10 најголеми извозни производи, девет се произведени од страна на компании со странски капитал, а само тутунот е производ на компанија со домашен капитал. Автобусите, пак, што ги произведува белгиската Ван Хул, се единствениот финализиран производ со поголема додадена вредност. Останатите девет, вклучително и најизвезуваниот производ, катализаторите на Џонсон Мети, се полупроизводи или делови кои потоа се користат за производство на производи со повисока додадена вредност во некоја странска земја.

Кога Македонија би го зголемила извозот и во светот би продавала повеќе готови производи, а помалку суровини и полупроизводи, “крвната слика” на македонската економија значително ќе се подобри.

А Македонија има извозни адути – од овошје и зеленчук, до храна, лекови и автомобилски делови. Услугите се уште еден извозен адут на Македонија, посебно ИТ услугите, преку кои би можеле да се зголемат извозните приходи. Но, ако анализираме кои се производите кои сега го носат македонскиот извоз, тогаш ќе се соочиме со болната вистина. Дека на листата најизвезувани производи има многу малку готови производи со поголема додадена вредност. Повеќето од извозните производи кои Македонија успева да му ги продаде на светот се суровини или евтини полупроизводи кои се во некоја друга земја се вклопуваа во финален производ.

Џонсон Мети прави 30% од целиот извоз на Македонија

Ако се тргне од моменталната состојба кои се 100-те производи кои Македонија најмногу ги извезува, тогаш дефинитивно на листата има малку производи со додадена вредност кои би можеле да донесат поголеми нето извозни приходи.

Анализата на 100-те најизвезувани производи за минатата година најдобро ја отсликува ситуацијата во македонскиот извозот. Од 100 анализирани извозни производи, 53 имаат раст на извозот, додека останатите имаат пад на извозот во однос на претходната година. Најголем дел од производите кои лани има раст на продажбите во странство се произведуваат со странските компании кои работат во или надвор од слободните економски зони, чии производи се во старт поконкурентни на странските пазари заради големите субвенции кои ги добиваат од македонската Влада.

Но, останатите клучни извозни македонски производи лани бележат помала продажба во странство. Најголем пад има кај извозот на тутун, руди и метали, текстилни производи, топловаланите челични производи и преработки…

Првичниот заклучок кој се добива од листата 100 најизвезувани производи минатата година е дека странските инвеститори почнуваат да го менуваат ликот и структурата на македонскиот извоз и полека стануваат лидери кои во влечат македонскиот извоз.

Од врвот на листата 10 најизвезувани производи, дури 7 производи ги произведуваат странските инвеститори во зоните кои работата со субвенции.Од нив единствен готов производ се автобусите на Ван Хул, додека сите останати се полупроизводи.

Најизвезуван производ од Македонија изминатата година се катализаторите, кои ги произведува Џонсон Мети, чија вредност лани изнесувала 663 милиони евра, што е раст од 16,6% % во споредба со претходната 2014 година.

Втор најизвезуван производ се апаратите за пречистување на гасови, кои исто така ги произведува Џонсон Мети, а чиј извоз лани достигна 426 милиони евра, и кај нив има годишно зголемување на продажбите во странство за 33,37%.

Трет најизвезуван производ од Македонија е феро никелот на Фени Индустри со извоз во вредност од 232 милиони долари, што е раст од 6,08%.

Иницијаторите за реакција на Џонсон Мети, се четврт најизвезуван производ со извоз од 109 милиони евра, што е раст од околу 36% во споредба со 2014 година.

Оттука, извозот на Џонсон Мети со овие три производи достигнува околу 1,2 милијарди евра, што е или околу 29,6% од вкупниот македонски извоз, кој минатата година достигна 4,05 милијарди евра.

Автобусите кои во Бунарџик ги произведува белгискиот Ван Хул се шести најизвезуван производ од Македонија со извоз од 93,5 милиони евра минатата 2015 година. Извозот на автобуси од Македонија лани се зголемил за 33,5%.

Извозот на автобуси од Македонија ќе се зголемува бидејќи Ванхол, задоволен од условите кои ги добива како странски инвеститор во Македонија, одлучи во зоната да отвори уште една фабрика во која ќе произведува автобуси кои освен на американскиот ќе се произведуваат и на западноевропските пазари.

Седми најизвезуван производ се седиштаза автомобили, кои во Македонија ги произведува Џонсон Контролс во фабриката во Штип. Лани извозот на седишта од Македонија достигна 72,1 милиони евра, што е годишен раст од дури 117% за една година.

Тутунот од типот Прилеп е осми најизвезуван производ минатата 2015 година со вредност на извозот од 70,0 милиони евра, што е годишен пад од 8,57%. Извозот на тутунот од типот Прилеп паѓа веќе две години по ред, а во 2014 година извозот се намали за 16%.

Таблите за електрично управување кои ги произведува и извезува германски Дрекслмајер во фабриката во Кавадарци се деветти најизвезуван производ од Македонија и лани нивниот извоз изнесувал 67,7 милиони евра, што е годишен раст од 3,19%.

Памучните кошули за мажи се десеттиот најизвезуван производ од Македонија со вредност на извоз од 65 милиони долари, кои лани имале раст од 1,19%.

Феросилициумот кој го преработува и продава Југохром Фероалојс и кој до пред некоја година беше во десетте најизвезувани производи лани беше 15 најизвезуван производ со извоз од 38,1 милион евра, и бележи пад од дури 43%.

Јаболката се најизвезувано овошје од Македонија (31 место) и минатата 2015 година биле извезени јаболка во вредност од близу 17,26 милиони евра, што е раст од 34% за една година. Второ најизвезувано овошје е свежото грозје ( 46 место) кое лани имаше извоз од 11,4 милиони евра, што е годишен раст од 25,19%.

Слатките пиперки се најизвезуван зеленчук и тие лани биле 49 најизвезуван производ од Македонија. Извозот на слатки пиперки од типот Pimenta или Capsicum достигна10,6 милиони евра, што е годишен пад од 6,17%.

Следи свежата зелка која лани имала извоз од 10,5 милиони евра и годишен раст на извозот од 7,14%.

Доматите се трет најизвезуван зеленчук од Македонија. Лани се извезле свежи домати во вредност од 10,4 милиони евра, што е годишен пад од 13,36%.

Меѓу најизвезуваните производи од Македонија се наоѓа и јагнешкото месо и тоа на 44 место. Во 2015 година Македонија извезла јагнешко во вредност од 12,4 милиони евра, што е годишен пад од 6,72% во споредба со извозот во 2014 година.

Меѓу најизвезуваните производи од Македонија за минатата година е и ајварот и тој се наоѓа на 33 место со вредност на извозот од 17,2 милиони евра, што е годишен раст од 14,35%.

Голем раст на извозот лани има кај маслата од сончоглед, кое е 30-ти најивезуван производ од Македонија. Извозот на масло од сончоглед лани достигна 17,4 милиони евра, што е годишен раст од дури 104,7%. Најголем дел од овој извоз отпаѓа на извозот на Брилијант од Штип.

Гасните масла, се 44 најизвезуван производ на Македонија со извоз од 11,3 милиони евра и лани имале пад 6,7%.

Извозот на тутун од типот Јака лани изнесуваше 9,16 милиони евра и лани има пад од 45,24% во споредба со 2014 година. Но, истовремено четирикратно е зголемен извозот на ориентален тутун, што се должи на влезот на Филип Морис во Македонија.

Интересно е што на листата најизвезувани производи за минатата година се најде и опрема за дијализа. Вкупниот извоз на опремата за дијализа, во која влегуваат вештачки бубрези, бубрежни машини, дијализатори, лани изнесуваше 7,37 милиони евра, што е годишен раст од дури 653%.

Меѓу 100-те најизвезувани производи е и електричната енергија. Лани била извезена од Македонија електрична енергија во износ од 10,3 милиони евра, што годишен раст од 23,5%.

Меѓу наивезуваните производи има и многу производи од кондиторската индустрија, кои секоја година бележат раст на извозот.

Кои се потенцијалите?

Ако се анализира колку од 100-те најизвезувани производи се готови производи со повисока фаза на доработка или за крајна потрошувачка тогаш тие можат да се избројат на една рака, а меѓу нив се лекови, блузи, кошули и други текстилни производи кои се произведуваат по лон принципот, потоа цигари, бисквити, ајвар, колбаси и масло од сончоглед.

Оттука, дури и да се зголеми нивното производство и извоз тие не би можеле да донесат поголемо зголемување на извозните приходи. Тоа е можно само со создавање на нови извозни производи, производи со повисока додадена вредност и повисока фаза на технолошка доработка. Но, за тоа да се случи се потребни нови инвестиции во нови фабрики и нови производи.

Еден од извозните адути на Македонија се и услугите, посебно компјутерските услуги. Построи голем потенцијал за зголемување на приходите од извозот на овој тип на услуги, бидејќи Македонија полека, но сигурно се профилира како земја од која можат да се добијат квалитетни ИТ услуги, во кои влегуваат извозот на разни софтвери, видео анимации, игри..

Втор извозен адут се кондиторските производи, кој исто така се меѓу најизвезуваните македонски производи, кој исто така и носат нето извозен приходи на земјата.

Воопшто, извозот на храна, односно на готови прехранбени производи е уште еден можеби и најголем адут. Извозот на ајвар секоја година се зголемува и лани достигна рекордни 17 милиони евра, што е се уште многу мала продажба во странство, за кој производ сите се согласуваат дека постои голем потенцијал за извоз, што е случај и со останатите конзервирани и сушени зеленчуци и овошја, флашираните вина, органската храна, за кои има голема побарувачка на странските пазари.

Но, ова се само светли и ретки примери….Ако се гледа големата слика тогаш извозните капацитети на Македонија се ниски и ограничени. Минатата година извозот на стоки и услуги од Македонија кој изнесуваше 4 милијарди евра е помал од 50% од вкупниот БДП. Колку за споредба Словенија има годишен извоз од над 20 милијарди евра, а покриеност на увозот со извозот од 102% и суфицит во трговската размена со странство од околу 300 милиони евра.

Странските инвеститори ја менуваат извозната структура

Ако се анализира влијанието на странските фабрики во слободните економски зони, тие навистина ја менуваат структурата на извозот на Македонија. Ако претходно најизвезувани производи беа нафтените деривати и челикот, сега по влезот на странските фабрики Македонија најмногу увезува автомобилски делови, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили….Изминатата година извозот од слободните економски зони достигна 1,5 милијарди евра. Тоа е речиси 37% од вкупниот извоз на Македонија. Она што треба да се потенцира е дека овој извоз од зоните е ослободен од многу давачки и субвенциониран со милионски суми од државниот буџет, што е и главната причина зошто извозот од зоните во последните неколку години расте со така високи стапки.

Но, странските инвестиции истовремено многу го зголемуваат и увозот. Речиси сите суровини и репроматеријали кои ги употребуваат странските фабрики во зоните се од увоз. Па така нето извозниот ефект од овие 1,5 милијарди извоз од зоните лани изнесувал само 230 милиони евра.

На пример, најувезуван производ во Македонија веќе неколку години не е повеќе нафтата, туку платината. Лани вредноста на увозот на платина изнесува 552 милиони евра, а гасните масла се втор најувезуван производ до вредност на увозот од 253 милиони евра. На трето место се керамичките производи за техничка употреба кој исто така се увезуваат од странските инвеститори во зоните чиј увоз лани достигна 153 милиони евра.

И кај извозот од зоните има огромна концентрација на извозот. Имено, од вкупниот извоз од 1,5 милијарди евра, дури 80% или 1,2 милијарди евра отпаѓаат на извоз на само една компанија, односно на извозот Џонсон Мети, кој е на најголем македонски извозник. Ако се гледа, пак, географски, најголем дел од извозот во зоните, односно близу 90% се извезува во Германија.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close