Тутунот ќе остане култура број еден

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Тутунот ќе остане култура број еден и заштитена марка на повеќе региони во земјава. Стабилизирање на производството и задржување на бројот на производители во тутунската индустрија се очекува во наредната реколта. Земјава нема да прифати замена за тутунот со друга земјоделска култура, иако СЗО доставила проекти до Македонија за намалување на производството, односно за одгледување на некоја алтернативна култура.

f9d98c27-78d5-4e66-9815-de4120bf866b-тутун-инфомакс (1)

Македонија нема да прифати замена со друга земјоделска култура според предложените методологии и пилот – проекти, зашто тие не можат во целост да гарантираат егзистенција на околу 40.000 семејства како што моментно овозможува одгледувањето на тутунот.

Надлежните и натаму инсистираат на неприфаќање на која било методологија што не гарантира сигурност и профитабилност за фармерите. Исто така, пред да бидат дефинирани условите и методологијата за замена на тутунот со друга култура, треба да се земат предвид климатските услови во различните области во кои се одгледува тутунот. Зависно од климатските услови и од агро условите, не е можно одгледување иста култура.

Годинава тутунот постигна висока откупна цена од 185 денари по килограм, за разлика од ланската, која изнесуваше 117 денари. Реколтата беше со одличен квалитет, но не ги достигна проекциите од 24.000 тони. Во тек е исплатата на субвенциите за тутунопроизводителите. Државата за ланската реколта треба да им исплати повеќе од 20 милиони евра субвенции.