Учениците во с. Бач општина Новаци учебната година ќе ја започнат во реконструирано училиште. Нов покрив, дограма и спортска сала за училиштето од ова село, општината обезбеди со помош на проектот “Реконструкција на покрив и спортска сала за подрачното училиште во с. Бач” .Станува збор за проект финансиран со неповратни финансиски средства од Генералниот конзулат на Р. Бугарија во Битола во висина од околу 2.752.000 денари . Во ова училиште настава е организирана за вкупно 23 ученици меѓу кои и едно прваче.
Финансиската помош од страна на Бугарскиот конзулат доаѓа по претходно потпишаната Спогодба за доделување на неповратна финансиска помош помеѓу Општина Новаци од една страна застапувана од градоначалникот Љубе Кузманоски и генералниот конзул на Р. Бугарија во Битола г-дин Димитар Иванов од друга страна, на основа на политиката на Р. Бугарија за учество во меѓународната соработка за развој, информираат од општина Новаци.
“Соработката со Р. Бугарија преку Генералниот конзулат на Р. Бугарија во Битола дава позитивни придобивки. Оваа финансиска помош позитивно ќе се рефлектира во подобрување на училишната средина и условите во неа .Со реконструкцијата на подрачното училиште во село Бач ќе ги подобриме условите за настава ,со што би обезбедиле поквалитетен и поефикасен образовен процес. Училишната средина е одраз на животот во заедницата .Со градење посигурно, подобро и поефикасно училиште со ефективен образовен процес се подобрува целокупниот живот во заедницата”-истакна градоначалникот Кузманоски.
Општина Новаци посветено работи на обезбедување на подобри и поефикасни услови во основните училишта на подрачјето на општината.
Со одлука на членовите Советот на општина Новаци, обезбедени се по 5000 денари за секое прваче кое ќе се запише во ООУ Славко Лумбарковски општина Новаци. Станува збор за еднократна парична помош на семејствата кои имаат првачиња, со цел да им се помогне при купувањето на училишниот прибор. Се е подготвено за успешен старт на учебната година, велат од општина Новаци.
П.Ј.