Уништена флората на Јакупица и Даутица од нестручно берење билки
Билкарите нестручно ги сечат лековитите растенија и го оштетуваат богатиот растителен свет на планините Јакупица и Даутица. Лековитите билки и треви се на прагот од истребување, ги снемува. Собирачите на овие растенија не мислат на нивниот опстанок, туку работат неплански, стихијно. Во овој период ги има во голем број и сите се во потрага да наберат што повеќе. За ваквата појава алармира велешанецот Борче Гајдов, и сам собирач на лековити растенија, планински билки. Тој со своите 82 години преку викенди се искачува на овие планини. Цел живот го има посветено на нивно проучување. И додека другите собираат, тој апелира флората во овој предел, во срцето на Македонија да се сочува.
„Факт е дека билките полека исчезнуваат од овие две планини, Јакупица и Даутица. На пределите каде што до пред некоја година ги имаше во изобилство, сега ги нема. Од што се берат толку многу, некои се уништуваат од корен. Иако треварите се искусни луѓе, дали поради брзината, или нешто друго е во прашење, берат и не размислуваат за последиците. И многу туристи кои доаѓаат и секој од нив да набере по нешто, пак истата работа се случува. Има и многу нови млади тревари кои мислат дека од тоа може да се живее и сега наголемо работат по планините. А цехот го плаќа природата и ние со неа“, вели Гајдов.
Како пример ја наведува линцурата, со убав жолт цвет, а ја нема повеќе. Се’ поретко се сретнува и планинскиот чај, па засекливата трева – кантарионот. Иста е судбината и на камилицата. Таму каде што ја имало, повеќе ја нема ни мајчината душица, ниту, пак, билката подбел. Ги береле сосе корен.
„Природата овие билки ги создала пред илјадници години и ние немаме право сега да ги искорениме. Закони постојат и мора да се почитуваат. Не можеме да ја оставиме природата на немилост на оние кои мислат само за себе. Билките се берат нестручно. Истото се случува и со печурката. Се рекло – носи пари и сите ајде на берење, а немаат основни познавања. Печурката не се корне, се сече со нож, се складира во кошница, никако во вреќи како што прават“, објаснува Гајдов.
Тој по планините е од 1959 година и иако има 82 години се’ уште е активен и пешачи. Објаснува дека на Јакупица има неколку видови ендемски растенија кои растат само тука и никаде на друго место на планетата Земја. Такви се диво јоргованче, македонска саса, македонска синоличка.
„На оваа планина има големо билно богатство и тоа мора да го сочуваме. Има бор кој расте како џбун и се вика кривуљ. Го има и на други планини на Балканот, а овде е безмалку истребен. Се користел како дрво за греење во лакањ, оти поради смолата не испушта многу чад. Штета е што го снемува, оти во него се кријат и котат волци, лисици“, вели Гајдов.
Се надева дека билките што сега не ги сретнува можеби се поместиле во некои за човекот понедостапни предели. Тој вели дека бере листови од капини, малини, шумска јагода, див глог, кои заедно во мешавина се многу лековити.
Јакупица и Даутица, освен што се богати со флора, имаат богат и животински свет. Гајдов потсетува дека иако имаше повеќе обиди за прогласување на национален парк, тие беа неуспешни.