fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Васко Спировски-Пчеларството да се издвои од сточарството како посебна гранка

Мора што поскоро да се направи државен откупен центар за медот, што ќе значи сигурен пласман на медот, а не пчеларот да се снаоѓа како знае и умее.

Васко Спировски(36), години од демирхисарското село Базерник е млад сточар, одгледувач на пчели. Во селото кое е на надморска височина од 1000 метри произведува чист планински мед, како што не сте вкусиле. Во моментов има 170 кошници и во просек по пчелно семејство произведува околу 10 килограми мед или вкупно до околу 1,5 тони мед годишно.

-Речиси 20 години одгледувам пчели, од средношколец од 16 години, кога случајно најдов рој пчели, ги собрав и почнав да ги размножувам, стасав до 170 кошници, а мојата намера е да ги размножам до 300 кошници. Пчелите ги засакав и тие се моја егзистенција. Она што е важно за еден пчелар е да има љубов кон пчелите, да ужива во работата, или едноставно кажано јас одморам покрај пчелите, не се заморувам, вели младиот пчелар во разговор за „Зелена берза“.

Васко вели дека за квалитетен и убав мед секогаш има купувачи. Тој својот мед го продава на мало иако има понуди и за откуп на големо, но како што вели цените кај накупците се секогаш пониски од реалните.

Младиот, но искусен пчелар советува – како купувачите да препознаат квалитетен и чист мед од фалсификуван мед.

-Најпрво вистинскиот, чист природен мед се познава по кристализацијата. Медот мора правилно да кристализира и подеднакво, а не на делови или партии. Значи ако медот е мешан ќе кристализира една третина, не цела тегла, и ќе побели како салото. Медот обично кристализира во период од пет месеци до една година во зависност од пашата на пчелите. Затоа ако сакате квалитетен мед, тогаш да знаете дека медот се купува од познат пчелар, порачува Васко.

За добар производ и добри резултати во пчеларењето потребни се ангажираност и посветеност, вели Васко, кој речиси секој ден е на пчеларникот.

-Мора да се сработи на пчеларникот, не може да се остават пчелите сами повеќе од два дена. Не стравуваме толку од крадци колку од непоканети гости. Всушност мечка често ни прави штети на пчеларникот. Ја тужиме државата за надомест на штета, ама ситуациите се повторуваат. Ова е планинско село, ноќе ќе слезе во селото ќе направи штета по кошниците и заминува, раскажува Васко.

Пчеларството да се издвои од сточарството

Пчеларството треба да биде посебна гранка издвоена од сточарството, смета младиот пчелар Спировски и напоменува дека мора што поскоро да се направи државен откупен центар за медот, што ќе значи сигурен пласман на медот, а не пчеларот да се снаоѓа како знае и умее.

-Државата треба повеќе да го помага пчеларството, оваа наша гранка како да е запоставена во споредба со она што се случува во другите соседи држави и Европа. Сметам дека пчеларството треба да се издвои од сточарството и да биде посебна гранка регулирана со закон. Повеќе за ова да се ангажираат сојузот и федерацијата на пчелари.

Субвенциите треба да бидат повисоки и поредовни во исплатата. Сега земаме 600 денари од кошница, а трошоците се големи. Сега повторно ни воведија задолжителен ветеринарен преглед да плаќаме по 60 денари од кошница. Значи од субвенциите веднаш одделуваме пари за ветеринар за клинички преглед на пчелните семејства. Наместо олеснување се соочуваме со нови давачки, наведува Спировски.

Плановите на Васко се во иднина да го зголеми бројот на пчелните семејства и да направи АПИ комора , тргнувајќи од светските искуства дека и воздухот што го создаваат пчелите околу нивните сандачиња е лековит. Намерите му се во иднина да вложи во таканаречената „Air therapy“ во специјални АПИ комори кои веќе се отворени во некои пчеларници во државата.

 

Текст – Анета Блажевска

Фотографија – Ивона Кочов

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close