fbpx
Вести

Вештачка храна – реални штети

Вештачки произведена храна, фалсификувани и хемиски третирани производи сѐ почесто се наоѓаат во маркетите и на пазарите низ земјава, а потрошувачите речиси и да не се свесни дека секојдневно ги консумираат. Прашањето е какви се шансите Македонија да користи здрави производи без сурогат-состојки, без хормони, без конзерванси и без преголемо количество пестициди.
Според Љупче Станковски, претседател на здружението за земјоделство „Агрофаланга“, маркетите се преполни со вештачки производи за исхрана, почнувајќи од свежо млеко до овошје и овошните сокови. Освен на штетите од нивното консумирање, Станковски посочува и на загубите што, поради присуството на таквите производи на пазарот, ги трпи домашното производство на храна. Во добивка се само производителите и увозниците на таквите суровини и производи.

– Во долгогодишното пчеларското работење се имам соочено и сѐ уште се соочувам со проблемот на гликоза во тегла, содржината што се наоѓа во теглата нема никаква поврзаност со пчелите или со пчеларите. Тоа е најчесто гликоза произведена од пченка и се увезува за потребите на слаткарското производство и кондиторската индустрија – објаснува Станковски.

Тој вели дека вештачката храна е и производ излезен, најчесто од погон на прехранбената индустрија, кој во себе содржи огромен процент сурогат-состојки.

– Во кондиторските производи нема млеко, јајца, масло (сончогледово или животинско), туку за поголем профит тие се заменети со млеко во прав, јајца во прав, а сончогледовото масло со палмина маст. Единствено уште брашното во колачите не е заменето со некоја безвредна состојка, која би им донела поголем профит на алчните компании – нагласува Станковски.

Тој вели дека доколку само нашата кондиторска индустрија од утре почне да користи млеко, јајца и сончогледово или животинско масло, во земјоделскиот сектор би имало голем број вработувања.

– Наместо да се произведуваат вештачки сирења и урди од илјадниците тони палмина маст, кои се увезуваат во Македонија, тие да се прават од млеко, би имало економски позитивни реперкусии врз македонското стопанство. Би имале поголем сточен фонд, намалување на невработеноста, поголема финансиска раздвиженост, поголем транспорт и дистрибуција, повеќе работа за ветеринарите, би запрел одливот на млада работна сила во странство, и на крајот, по сѐ, би имале и повеќе здравје – истакнува Станковски.

Според него, компании размислуваат само за својот профит, и соочени со немилосрдната конкуренција, продолжуваат да ја прават храната сѐ повеќе безлична, без вкус, но во исто време преполна со конзерванси, хормони, засилувачи на вкус.
– Сега е во тек кампања за влез на генетски модифицирана храна и семенски материјал во Македонија. Иако тоа ќе го уништи нашето земјоделство, упорно се туркаат законите со кои ќе се увезува и ќе се користат генетски модифицираната храна и производи од неа – вели Станковски.

Претседателот на здружението ја споменува и причина заради која оризот во светски рамки е „доволен“, а тоа е зголемувањето на производството на сурогат-ориз, кој без никаков проблем може да се произведе од многу поевтини, и подостапни суровини.
– Големите корпорации не сакаат да зависат од земјоделците и во своите производи вметнуваат сѐ повеќе сурогати, па така е и со оризот, кој може вештачки да се произведе – истакна Станковски.

Во соседна Србија, која е земја-извозник на житни култури, додава Станковски, се појавуваат значителни отстапувања во потребниот квалитет на брашното и на крајниот производ – лебот, тогаш можеме да замислиме каква е ситуацијата во Македонија, која е често увозник на брашно и пченица од Србија.

– Најголема причина за неквалитетниот краен производ, лебот, не е постоењето пченица со различен квалитет, туку алчноста на трговците и на производителите, кои во трката за поголем профит се подготвени производот да го изработат од ѓубре. Некогаш лебот се изработуваше од брашно, сол и квасец, сега во него има конзерванси, палмина маст, соино брашно, подобрувачи на вкус и слично – појаснува Станковски.

Според него, шансите да консумираме здрави производи без сурогат-состојки, без хормони, конзерванси и подобрувачи на вкус се еднакви на нула.

– Најлошо од сѐ е што брашното што е клучно во исхраната на нашите граѓани, преку лебот, го консумираат и нашите деца, кои внесувајќи цело време штетни состојки во нивните млади организми, можат да заболат од разни болести – смета Станковски.
Од Агенција за храна и ветеринарство велат дека Македонија веќе извесно време има правилник со кој овие производи мора да се одвоени од другите. Тој е донесен за потрошувачите да не се доведуваат до заблуда, а веќе има и изречени казни за непочитување на одлуките. Од Организацијата на потрошувачите на Македонија велат дека фалсификуваната храна често се наоѓа на пазарот, а дека не е оригинална, најчесто ја препознаваат фирмите што ја произведуваат.

Според правилникот што кај нас е донесен пред неколку години, сите трговци што продаваат производи што се од животинско потекло, а продаваат и слични на нив производи од растителни протеини, мора да ги одвојат физички на посебна полица или во витрина. Така, кашкавалите од млеко или саламите од месо мора да се одвојат од сличните производи што во себе содржат соја и растителни протеини. Истовремено, јасно мора да бидат напишани декларациите и на посебно место да стои дека тоа е растителен производ.

– За да се елиминира можноста од доведување на потрошувачите во заблуда кога станува збор за продажба на производи што содржат растителни масти или масла, од пред неколку години Агенцијата за храна и ветеринарство им наложи на операторите со храна тие задолжително да се наведени во декларацијата на производот. Ваквите производи мора да се продаваат одделно од млечните на друг посебен рафт, декларирани како растителни, а не како млечни производи – велат во агенцијата.
Според ОПМ, фалсификуваната храна е вечна тема и свеста на граѓаните е клучна кога нешто купуваат.

– Точно е дека имаме правилник и повеќето од трговците го почитуваат. Но, граѓаните мора да внимаваат што купуваат бидејќи цената секогаш не е репер дека плаќате сирење, на пример – истакнуваат од ОПМ.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close