Жителите на сите поголеми градови, особено на Западен Балкан, се соочуваат со алармантно загаден воздух. Иако проблемот е лоциран, ништо не се презема, ниту помага во намалување на загадувањето на воздухот.
Според Светската здравствена организација, повеќе од 90 проценти од светската популација живее во области каде што загадувањето на воздухот ги преминува границите. Научниците долго време се сомневаа дека ПМ 2,5 (мали честички во воздухот) предизвикува епигенетски промени во нашите клетки, кои можат да го загрозат нашето здравје.
Иницирани од оваа причина, меѓународен тим научници спроведоа клиничко испитување во 2017 година за да откријат како ефектите од изложеност на концентрација на загаден воздух од ПМ 2,5 може да се ублажат со суплементи, како витамин Б, кои содржат 2,5 мг фолна киселина, 50 мг витамин Б6 и 1 мг витамин Б12.
Во студијата учествувале десет волонтери, кои прво биле изложени на свеж воздух и им било дадено плацебо за да ги измерат нивните основни реакции.
Подоцна, истите испитаници биле тестирани со високи дози на витамин Б и биле изложени на високо загаден воздух, кој содржел високо ниво на ПМ 2,5. Резултатите од студијата откриле дека четиринеделна изложеност на додатоци на витамин Б го ограничува дејството на ПМ 2,5 помеѓу 28 и 78 проценти на десет генетски места. Истражувачите откриле дека слично намалување се рефлектира во митохондријалната ДНК, деловите на клетките што создаваат енергија.
Сепак, научниците истакнуваат дека оваа студија има многу ограничувања, како што е малиот број испитаници, малку информации за количеството витамин Б што предизвикува реакција и дека се потребни подетални истражувања и студии. Како и да е, сметаат дека резултатите од оваа студија се охрабрувачки.
Извор:Нова Македонија