Земјоделците бараат да не бидат двојно оданочени за да се здружуваат во задруги

zemja

Земјоделците здружени во задруги се двојно оданочени, што задругарството во земјава го прави неатрактивно и тоа со години не успева да заживее. Затоа бараат да се измени Законот за персонален данок, со кој индвидуалните производители имаат даночно ослободување и плаќаат само два отсто персонален данок,  но ако влезат во задруга го губат тоа право.

„Ако еден производ на членот во земјоделската задруга се пласира во Задругата ќе биде оданочен со 10 проценти, а ако задругата направила добивка за таа да се врати како дивиденда кај членовите на задругата ќе имаме нови 10 отсто оданочување, што е 20 отсто повисоко оданочување отколку на индивидуалниот земјоделец. Тоа е еден од огромните проблеми што треба да се расчисти“, вели Менде Ивановски, претседател на Македонската асоцијација на задруги.

Се бараат и измени на Законот за работни односи, за земјоделците, штом ќе влезат во задруга да не бидат бришени од списоците на Агенцијата за вработување, и законски јасно да се дефинира што се задруги, а што акционерски друштва.

Со проект на Европската унија тежок два милиони евра во следните 38 месеци ќе се менуваат законите, и земјоделците ќе се мотивираат да влегуваат во задруги. Така ќе станат поконкурентни на пазарот, а ќе дојдат и до пониски цени на репро материјалите и механизацијата и поквалитетно производство. 30 постоечки задруги и 30 групи земјоделци кои сакаат да формираат нови ќе имаат обуки, а 20 од нив ќе добијат и грантови за проекти.

„Задругите ќе им овозможат на земјоделците полесно да аплицираат за финансиска поддршка преку програмата за земјоделство и рурален развој како и за друг вид на поиддршка достапна преку ИПАРД 2.

Од 180 илјади земјоделски стопанства во земјава, дури 99 отсто се индивидуални земјоделци, со просечно 2 хектари земјиште и две грла добиток. Тие на пазарот немаат преговарачка моќ, наспроти организираните трговци и производители.

Во регистарот во земјава се запишани 39 задруги, само седум од нив се големи со по најмалку 20 членови.


 

телма.мк