Агро бизнисВестиВкусот на традицијатаРурален туризамТоп вести

Вкусот на традицијата во ресторанот „Света Петка“ во Велгошти

Автентични јадења кои се плод на имагинацијата, чувствата за префинетост како и желбата за квалитетен производ

Во непосредната околина на градот Охрид, на неговата североисточна страна, во близина на пристапниот пат кој што води од Ресен се наоѓа селото Велгошти. Поради  пристапната патна инфраструктура и атрактивна локација тоа може да се смета и како предградие на Охрид, кое постојано се гради и проширува. Ова рамничарско село кое се наоѓа во Охридското поле е најголемото село во овој предел. Земјоделската функција како примарна цел на едно рурално место е одамна загубена.

Жителите денес својата егзистенција ја наоѓаат во други стопански области. Во селото покрај современите станбени објекти се присутни продавници, аптеки и ресторани. Селото со сите овие карактеристики се пресликува во една добро организирана приградска урбана средина.

По изминати околу три километри од центарот на Охрид, по патот кој што води низ селото Велгошти се пристигнува до ресторанот Света Петка. Во овој ресторан со прекрасен етно амбиент можете да добиете несекојдневна услуга и врвна македонска храна. Веднаш при првото доаѓање ќе ја осетите тивката и пријателска атмосфера. Ве обзема чувство како да сте биле и претходно тука.

Овде можете да ги вкусите традиционалните македонски јадења приготвени исклучиво по домашни рецепти. Нашиот интерес за да дознаеме нешто повеќе не остана незабележано од сопствениците на ресторанот, кои несебично ни ја раскажаа својата приказна.

-Нашето искуство со правење на традиционални јадења датира уште од 1990 година. Во тој период ѓомлезиња, питулици, комад, мазници и други јадења подговтувавме за познати угостителски објекти, хотели и ресторани во Охрид. Ресторанот постои од 2014 година и името го доби по манастирската црква Света Петка која се наоѓа веднаш над селото. Црквата датира уште од 1890 година и претставува заштитен знак на селото Велгошти, поради која и доаѓаат гости од целата држава. Благодарение на претходното долгогодишно искуство во приготвување на македонски традиционални специјалитети наследени од нашите баби, ние во нашиот успех и наклонетоста на потрошувачите во ниеден момент не се посомневавме“.  Ова ни го раскажува сопственикот и носителот на работата во ресторанот Елизабета Ѓоршеска инаку дипломиран менаџер по царина и шпедиција, а денес успешен угостител.

-Препознатливи сме по ѓомлезето, питулиците, домашните месени печива, селската тава и други традиционални македонски јадења. Покрај македонските специјалитети во нашиот ресторан се служат и автентични јадења кои се плод на имагинацијата, чувствата за префинетост како и желбата за квалитетен производ. Дел од овие специјалитети вклучуваат: Плескавица во лиснато тесто со шест видови на сирење , потоа симид погача и др. Рецептите според кои ја изготвуваме оваа храна се плод на љубовта кон готвењето, како и искуството од дегустацијата на повеќе европски кујни.  Во моментот поради пандемијата се присутни само домашни гости. Инаку кај нас доаѓаат гости од цела Европа, Америка, Русија, Израел, Кина како и Австралија“- додава Елизабета.

Од оваа година гостите можат да престојуваат во Delux апартмани кои се наоѓаат во состав на комплексот Света Петка. Поради желбата за престој во природа, а со цел на своите гости да им приредат и незаборавно дружење, екипата на ресторанот Света Петка организира планинарски екскурзии кои вклучуваат обиколка на црквите и манастирите кои се наоѓаат во околината на Велгошти.

Подготвил: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close