fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Владата нема да ги замрзне цените на производите, им порача на граѓаните да не паничат

Според синдикатите пак Владата треба што побрзо да донесе мерки со кои ќе ги ограничи цените и ќе го заштити животниот стандард на граѓаните. 

Владата во Србија од денеска ги замрзнува цените на основните прехранбени производи. Според одлуката, цените на шеќерот, маслото, брашното и млекото се враќаат на нивото од пред две недели и нема да смеат да бидат зголемени во наредните 60 дена.

А дали нашата Влада ќе го следи примерот на Србија и ќе го запре покачувањето на цените кои и кај нас вртоглаво растат – нема конкретен одговор. На граѓаните им порачаа да не паничат.

„Не треба да се создава паника со високи поскапувања, постојат механизми, Владата ги уверува граѓаните и стопанствениците дека и натаму ќе биде партнер со сите засегнати страни за соодветно да се реагира на сите предизвици.“ – изјави Душко Арсовски – Портпарол на Влада.

Според синдикатите пак Владата треба што побрзо да донесе мерки со кои ќе ги ограничи цените и ќе го заштити животниот стандард на граѓаните.

„ССМ апелира и бара што побрзо да се донесат мерки со кои ќе се спречи зголемувањето на цените на производите по примерот на одредени соседни држави, со што ќе се заштити животниот стандард на работниците и граѓаните, а Владата доколку ги послушаше апелите од ССМ тоа можеше да го направи и многу порано.“ – велат од ССМ.

Истото го мислат и граѓаните што ги анкетиравме низ скопските пазари. Велат се е покачено, а платите не стигнуваат ниту за основните потреби. Пензионерите се жалат дека пензиите ги трошат само за храна и лекови.

„Поскапено е се, со мојата пензија јас не можам на крај да излезам, морам пари од штедната книшка да вадам, од зеленчук до млеко, зејтин се е поскапено, пензиите не стигнуваат, кога ќе одвоиш за сметки 5.000 денари, за лекови 2.000 денари и пак нешто искрснало дома мајстор и остануваме без пари – тежок живот многу тежок“

„Дупло се покачени цените, на секој артикал е дупла цената, зависи се од пензиите и платите, но под 30.000 денари не може да се излезе на крај, катастрофа е, тешко“.

„Крпење е, ниту кафеана, ниту театар ниту кино, само за основни работи“.

„Зејтинот е прилично скап, другите прозиводи на пазарот се исто така покачени така што не стасува“.

На рафтовите во маркетите цените на речиси сите артикли се покачени.

Брашното (најевтино) чини околу 24 денари за килограм

Цената на еден литар зејтин достигнува и до 100 денари

Литар млеко во просек чини 45 денари

Килограм шеќер 38 денари

Според пресметките на Сојузот на Синдиакти, минималните трошоци на едно четиричлено семејство не можат да се покријат со просечно исплатената плата во земјата, а на едно семејство му недостигаат најмалку 100 евра секој месец во потрошувачката кошничка.https://www.24.mk/details/vladata-nema-da-gi-zamrzne-cenite-na-proizvodite-im-poracha-na-gra-anite-da-ne-panichat

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close