Во Австрија бројот на фарми се намалува, но расте бројот на говеда и свињи

(Oвој напис е објавен на: May 28, 2019)

Кристијан Бравенц, аташе од Федералното министерство за Одржливост и туризам на Австрија во Амбасадата во Белград, Република Србија

 

Презентација на тема-“Мастер план за рурален развој во Австрија и организација на поддршка за земјоделство и шумарство”

 

Како државата Австрија управува со земјоделското земјиште, колку им дава поддршка на земјоделците и руралниот развој на земјата, ова беа главните теми на кои се осврна Кристијан Бравенц, аташе од Федералното министерство за Одржливост и туризам на Австрија во Амбасадата во Белград, Република Србија која е надлежна за повеќе земји на Балканот.

На настан организиран од Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза “ Битола и ЛАГ Агро  Лидер Прилеп  на тема „Земјоделство и рурален развој – искуства и практики“ проект што се реализираше  со помош на BACID  програмата на ЕУ, Бравенц направи споредба помеѓу Австрија и Република Северна Македонија, во делот на руралниот развој. Тој пред пелагониските земјоделци и експерти од регионот ја презентираше темата насловена “Мастер план за рурален развој во Австрија и организација на поддршка за земјоделство и шумарство” .

-Земјоделското земјиште кое го обработува Австрија не е многу поголемо од она што се обработува во Македонија. Земјиштето околу градот Виена е обработливо и тоа се работи. Во Австрија имаме семејни фарми кои се сместени во шумски предели, но има и неискористена обработлива земја. Исто така фармите не се карактеризираат со висока млечност на кравите,односно  повеќе се насочени на комбинирано производство со посебен фокус на примена на агроеколошки мерки. Важно е да се напомене високиот процент на органско производство, односно Австрија е на прво место во Европската унија  по најголема површина под органско производство, односно 22% учество од целокупната земјоделска површина, рече  Бравенц.

Фармите во Австрија  во однос на површината се движат од 2 па се до 40 хактари земјиште, а мал е делот на фармите кои се протегаат на површина од 100 хектари.

Следејќи ги податоците околу развојот на фармите од 1951 до 2016 година, во Австрија  бројот на стоката расте, а бројот на фарми се намалува.

-Во педесеттите години на минатиот век во Австрија сме имале 453.000 фарми,а  тој број сега е намален на 161.000 фарми. Значи бројката на фарми се намалува, но нивната големина расте. Бројот на стоката(говедата) и свињите расте, рече  Бравенц.

Што се однесува до шумите во Австрија 48,3 проценти од шумските парцели се во приватна сопственост. Од оваа гранка се развива производството на хартија, мебел и слично, а профитот е околу 4,8 милијарди евра.

Руралниот и земјоделски развој во Австрија е потпомогнат од државата токму поради тоа Австрија мора да работи според правилата и стандардите, односно заедничката земјоделска политика на Европската унија. Имаме директна помош за земјоделците и Програма за рурален развој.

-Дваесет и два проценти од парите доаѓаат од нашите региони, 17 проценти доаѓаат од државата и 61 процент од Европската унија. Така 50 проценти од парите одат за рурален развој, а 36 проценти директни плаќања. Трошиме околу 2 милијарди евра,а парите до фармерите ги исплаќа Платежната агенција. За да добијат пари фармерите мора да пополнат одредена документација, за тоа му треба помош што не е ништо поразлично од Македонија. Затоа тука е Комората на земјоделци, рече  Бравенц.

Според него Европа ја има Програмата за рурален развој, долгорочен проект кој започна во 2014 и ќе заврши во 2020 година. Главните идеи кои што ќе се постигнат со оваа Програма се да се заштити екосистемот во Австрија , да се развие добра конкуренција и да се развијат руралните средини во државата.

Акцијата е финансирана од Австриската агенција за развој (АДА) преку шемата за грантови BACID (Градење на административни капацитети во регионот на Дунав и Западен Балкан), под раководство на Австриската асоцијација на градови и градови (AACT) и Центарот за истражување на јавната администрација на KDZ.

Оваа публикација / документ е изработена со помош на Австриската агенција за развој (ADA). Содржината на овој документ е единствената одговорност на авторот / и и не може во никој случај да се преземе за да ги одразува ставовите на АДА или на австриската влада.

 

Анета Блажевска

 

Share Button