Во магацините има и шеќер и масло за јадење
Главна причина што во многу продавници не може да се најде маслото за јадење е тоа што тоа мора да се продава по набавна цена.
Граѓаните не треба да стравуваат за шеќерот, затоа што има увоз на големи количини, а магацините се полни и со масло за јадење, но за овој продукт е проблем маржата која е нула за трговијата на мало, поради што голем дел од продавниците не сакаат да го продаваат, изјави за „Слободен печат“, Румен Смилевски, сопственик на велешката компанија „Малина“.
По правењето домашни залихи со масло за јадење, што доведе до тоа Министерството за економија да ги повика продавниците да не продаваат големи количини, во продажната мрежа е забележано зголемено купување на шеќер, но и зголемување на неговата цена за 20-тина проценти.
– Јас како трговец може да кажам дека имам од сите видови на масло за јадење, ги имам и домашните „Кристал“ и „Брилијант“, а имам и увезени српски масла за јадење. Шеќер увезуваме од Босна, а тој е од „Аграна“ . Станува збор за квалитетен шеќер и го имаме во доволна количина. Мислам дека фамата околу шеќерот се создаде поради тоа што Алжир донесе одлука за забрана за извоз на шеќер. Ние увезувавме и од Алжир, но се преориентиравме. Инаку шеќер се увезува и од Мароко, Србија, Австрија… – вели Смилевски.
Тој вели дека шеќерот има берзанска цена и сега, во нашите продавници е околу 50 денари.
Според него, главна причина што во многу продавници не може да се најде маслото за јадење е тоа што тоа мора да се продава по набавна цена. Како што е познато, согласно одлуката на Владата, од 10 март белиот и полубелиот леб, зејтинот и брашното тип 400 се продаваат без профитна маржа во маркетите, додека трговците на мало имаат ограничена маржа од 3 проценти за бел шеќер, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежо месо, сувомеснати производи, сирење, македонски бел ориз, јајца, шпагети, и макарони од мека и дурум пченица. Одлуката за продажба по набавна цена или со ограничена маржа ќе важи до 31 мај годинава.https://www.slobodenpecat.mk/vo-magacinite-ima-i-shekjer-i-maslo-za-jadenje/