Во ноември ќе биде пуштена во работа првата фотонапонска централа во Осломеј
Производството на соларната централа на годишно ниво ќе изнесува околу 15 гигават часови и ќе биде доволно за снабдување на 2 000 домаќинства.
Во текот на месец ноември ќе биде пуштена во употреба првата фотонапонска централа со инсталирана моќ од 10 мегавати, изградена на површините од поранешниот рудник за јаглен во Осломеј, чиј изведувач е турската компанија „Гиришим“.
Производството на соларната централа на годишно ниво ќе изнесува околу 15 гигават часови и ќе биде доволно за снабдување на 2 000 домаќинства.
– Во текот на наредниот месец се очекува да биде предадена во употреба првата фотонапонска централа изградена на површините од поранешниот рудник за јаглен во Осломеј. Оваа фотонапонска централа е со вредност од 7 000 000 евра од кои 5 900 000 евра средства обезбедени од ЕБОР и 1 100 000 евра средства обезбедени од компанијата која стопанисува со овие капацитети, ЕСМ. Изведувач на работите е турската компанија „Гиришим“. Изградбата на фотонапонски централи е интенција на Владата и ЕСМ за добивање на т.н. чиста зелена енергија од обновливи извори, истакна Чедомир Арсоски од РЕК „Осломеј“.
Арсоски информира дека со внатрешното прераспоредување во фотонапонската централа ќе бидат ангажирани десетина лица вработени во РЕК „Осломеј“ и ја најави изградбата на уште две фотонапонски централи на површините од поранешниот рудник со многу поголем капацитет.