fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Пролетната сеидба во Пелагонија е на половина од планираното

Временските  услови клучни за реализација на пролетната сеидба во битолскиот дел на Пелагонија. Климатските услови се повеќе се чувствуваат, а сушата и врнежите се причините кои често им попречуваат на земјодлците да ги извршуваат своите активности по нивите. Овој пат заради голема влага пролетната сеидба се очекува да заврши до средината на месец мај. До сега сеидбата во Пелагонија е половина од планираното.

Додека некои земјоделци  се подготвуваат за пролетна сеидба, Зелена берза во обиколката низ Пелагонија наиде на жетва на пченка. Можеби на некој ова ќе му биде чудно за време кога се подготвува  пролетна сеидба на пченка, но временските  услови и врнежите биле причина што сопственикот не можел да ја заврши бербата во оптималниот рок. Илче Марковски земјоделец од с.Жабени битолско вели дека временските услови не му дозволувале оваа операција да ја заврши порано.

-И приносот и квалитетот на пченката се помали, но кога беше време за жетва многу врнеше, а заради влага не можеше да се влезе во нивите. И сега има голема влага, на некои места  комбајнот имаше проблем, но се надевам дека ќе успееме да ја собереме пченката бидејќи треба да се подготвуваме за пролетна сеидба, вели Илче со загрижен поглед вперен кон небото бидејќи метеорлозите најавуваат нови дождови.

 

Планира пченка да посее на 20 ха и она што следи во наредниот период е да се подготви почвата за пролетната сеидба  со орање, тањирање и кримлирање. Есеноска посеал пченица за која вели дека е во одлична кондиција и ако биде се во ред очекува принос од 5 тони по хектар. Целото негово семејство се занимава со земјоделие кое му е основна дејност и од тоа егзистираат.

-Во денешно време многу е тешко да се егзистира само од земјоделие. Сите Влади што ќе дојдат се фалат дека вложуваат во развојот на земјоделието, дека даваат субвенции, но тоа не е доволно. Со ниски  цени  и немање  пласман  за производите кои ги одгледуваме, не може да се опстане. За да биде еден земјоделец во добра кондиција  и да има сила да продолжи со работа најмногу е потребен пласман и добра цена како и други стимулации како нафта, ѓубриво и сл. Нафта даваат, но мене за површината што ја обработувам не ми е доволна. Ниту нафта ниту субвенции не можам да земам за сите површини, бидејќи не се сите во моја сопственост, а немам договори под закуп. Овде има многу парцели земја чии сопственици се во странство, но не сакаат да склучуваат договори од страв да не им ја земе некој земјата, објаснува Марковски. Државата треба да најде некој начин да се реши ова и слободно да се обработува земјата и да може да се користат сите погодности што таа ги нуди, додава тој.

Помината  е првата фаза од консолидацијата на земјиштето во Жабени

Поради нерешени имотно правни односи расцепканоста на земјиштето им ги зголемува трошоците на земјоделците.

-Оваа парцела  е поголема  е и згодна за работа, но имам друга земја која е на друго место. Шест парчиња земја ми се наоѓаат на различна локација. Трошам и време и пари. За работа што можам да ја завршам за два сати јас ќе треба да потрошам два дена. Одвај се убедивме во селото да се вклучиме во проектот за консолидација на земјиштето, но не знам до која фаза се стигнати работите, вели Илче. Но како и да е до средината на мај  би требало да завршам со сеидба, додава тој.

Во врска со окрупнувањето на земјиштето во с.Жабени  кое е избрано во рамки на проектот “Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште’’(МАИНЛАНД), финансиран од Европската Унија,  од канцеларијата на ФАО во Скопје, која го спроведува проектот велат дека е помината првата фаза од проектот и остануваат да се реализираат уште двете фази од страна на МЗШВ.

-Во jули 2019 година успешно се заврши првата фаза од процесот на консолидација во Жабени – изработка на студија за изводливост за консолидација на земјоделско земјиште  –  при што врз основа на детална анализа на моменталната состојба на терен, беше утврдено дека има потенцијал и се задоволени сите предуслови за успешна имплементација на консолидацијата на земјиште во оваа област, како и дека мнозинството сопственици на земјиштето се заинтересирани за активно учество во процесот. Консолидацијата во Жабени зафаќа 276 ха земјоделско земјиште, расцепкано на 724 земјишни парцели и во процесот се вклучени 208 земјоделци. Просечниот број на парцели по сопственик е 3,5 со просечна големина на парцела од само 0,4 ха. Подрачјето се карактеризира со интензивно земјоделско производство, главно житни култури (пченица, јачмен и пченка), кои опфаќаат повеќе од 200 ха или 70 проценти од површината на консолидационото подрачје, проследено со производство на пиперки, грав и тутун. Студијата за изводливост исто така обезбеди препорака за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во Жабени – консолидација по принципот на распределба со промена на границите. Следните две фази во имплементација на постапката за консолидацијата на земјиште во Жабени – планирање на распределба на земјоделското земјиште и инвестиции во подобрување на земјоделска инфраструктура, согласно законската постапка треба да започнат со одлука на Владата на Република Северна Македонија за спроведување на консолидација во подрачјето. Понатамошната имплементација ќе биде спроведена со поддршка на Европската Унија во рамки на новата Програма од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) 2019 година, информира Радмила Славкова од канцеларијата на ФАО.

Во Пелагонија пролетната сеидба е на половина од планираното

Според информацијата од Подрачната единица на Министерство за земјоделство , шумарство и водостопанство во Битола, пролетната сеидба е започната во сите општини што се под нејзина надлежност (Општините Битола, Могила и Новаци)

-Моментално од житните култури е засеана пченка со површина од 3475 хектари.Од индстриските култури се засеани: сончоглед со површина од 3975 хектари и соја со вкупна површина од 50 хектари.Кај градинарските култури посадени се вкупно 700 хекатри на компир и тука имаме 100% реализација на  планираното.  Од фуражните култури  посеани се: 1500 хектари на луцерка, 150 хектари на добиточен  грашок и 2000 хектари на фуражна пченка. Со овие бројки се наоѓаме на половина од планираната сеидба, вели Методија Илиевски раководител на ПЕ Битола

 

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close