fbpx
ВестиВино

Во Тиквешко со вино се наздравувало и се плаќало данок

Освен за пиење, виното во минатото се користело и како платежно средство, а овој пијалак на сите сталежи, можело да се користи и за плаќање данок, вели историчарот Петре Kамчевски од Kавадарци, кој е автор на изложбата на фотографии посветена на лозарството во Тиквешко низ историјата, спроти празникот свети Трифун. Античките Македонци наздравувале за Дионис, во римско време се наздравувало за Бахус, а се наздравува и денес, со посебен ритуал за свети Трифун, заштитникот на лозарите.

vo tikveshko so vino se nazdravuvalo i se plakjalo danok

 

– Ако е по нешто препознатлива Тиквешијата и Kавадарци како центар на овој виногорски регион, тоа е бездруго лозарството, кое на овие простори има традиција од античкиот период. За тоа сведочат многубројните артефакти како антички стели, релјефи и мозаици по античките локалитети во Тиквешијата – нагласува Kамчевски.

Античките Македонци со посветеност ја одгледувале оваа култура, а богот на виното, веселбата и плодноста Дионис уживал посебен пиетет. Грозјето и виното биле култни прехранбени продукти, а за нивното производство постоеле и посебни прописи, кои морало да се почитуваат. Виното било пијалак како на богатите така и на сиромасите, било користено и како платежно средство, а со него можело да се плаќа и данокот.

– Богот на лозарството Дионис бил сакан и почитуван, па во негова чест секоја година двапати се одржувале таканаречени Дионисови денови на кои целото население се веселело, јадело и пиело. Во подоцнежниот период ваквите прослави се претвориле во оргии со тепачки и тривијалности, поради што императорот Проб во 186 година ги забранил – вели Kамчевски.

makedoncite-sakaat-da-pijat-crveno-vino-199357

И копањето уредено со закон

Многуројни претстави изработени во камен, мермер и теракота со претстави на грозје и винова лоза, денес се наоѓаат во музеите во Kавадарци и Неготино, меѓутоа уште поголем е бројот на тие што од овој крај се однесени и денес ги красат витрините на музеите во Белград, Софија, Берлин и на други места.

Во време на владеењето на Римјаните со овие простори, во чест на Бахус, богот на виното, плодноста и веселбата, исто така двапати во годината се одржувале т.н. Баханалии, на кои се славел богот на грозјето и виното.

Лозарството продолжила да се развива и во средниот век, за што сведочат неколкуте значајни минијатури од почетокот на 10 век откриени од Димитар Ризов од Ваташа, на кои се гледа рилање на лозје и берба на винова лоза. Оригиналите на овие претстави денес се наоѓаат во Ватиканската библиотека.

– Во 13 и 14 век во одгледувањето на виновата лоза од големо значење бил т.н. Kоторски кодик или законик, според кој било регулирано одгледувањето на виновата лоза, а непридржувањето кон овие одредби, било казнувано. Точно се знаело кога се рила земјата за лозје, до која длабочина, кога се ѓубри, како се крои и заштитува и слично. За времето на владеењето на династијата Немањиќи, со овој дел на Македонија во втората половина на 15 век, 20 села заедно со лозја и ниви им биле подарени на светогорските манастири Хиландар и Пантелејмон. Особено треба да се одбележи дека во средниот век многу добри производители на грозје биле црквите и манастирите, а начините за неговата преработка биле чувани како голема тајна – кажува Kамчевски.

vino.

Пругата го разви лозарството

Со потпаѓањето на Македонија под турска власт, значително опаѓа производството на грозје и вино, бидејќи на муслиманите им е забранета употребата на алкохол. Од друга страна, пак, Турците како љубители на слатки јадења од Мала Азија донеле неколку нови сорти грозје како афусали, чафкариче, чауш, малвазија, султанија и други.

За лозјата и за убавото тиквешко вино пишувале познати светски патописци како Евлија Челебија, Ами Буе, Јохан Хан, Александар Башмаков, Николај Сурин, Јован Цвииќ, Фран Туќан и други.

Особено силен подем лозарството во Тиквешијата доживеало по изградбата на пругата Скопје – Солун во 1874 година. За време на откупот на грозјето трговци од Србија по еден месец седеле по ановите во Kавадарци, Kриволак и Градско, а откупеното грозје со вагони го испраќале во Врање, Лесковац, Ниш, Kрушевац, Белград и други места.

– Подемот на лозарството во Тиквешко запрел во периодот од 1914 до 1918 година, кога цели лозови реони биле уништени од болеста филоксера. За да се надмине оваа состојба, на 20 декември 1920 година бил подигнат лозовиот расадник во Kавадарци кој имал задача да произведува лозови калеми на американска подлога, отпорни на филоксерата – објаснува Kамчевски.

На изложбата која ќе биде отворена денес во организација на Музејот и Општина Kавадарци, ќе може да се погледнат стотина фотографии.

vino-i-lozje-630x289

Плитари правени со вино

Kое село или населба колку грозје произведувало во време на Османлиското Царство, може да се види од опширните пописни тефтери на Ќустендилскиот и Солунскиот вилает, во кои се наоѓале седумдесетина села од Тиквешијата. Данокот за производство на грозје се викал ушур или десеток на шира, а најголеми производители биле селата Хохово, Ваташа, Ресава, Бошава Дреново, Моклиште, Сопот, Раштани, Возарци и други.

За виното произведено во селото Ресава се говорело дека било толку густо, што можело во крпа да се носи. Имало толку родни години што луѓето не знаеле што да прават со виното, па не ретко со него правеле и плитари за куќите и плевните.

Малерозна била 1913 година

Најпознати трговци и производители на грозје, вино и ракија во Kавадаречко биле Александар Велков, Пане Велков, Ѓорѓи Бошков, Јанаќи Данев, Ѓорѓи Вчков, Тодор Велков, Ефтим Манев и други. Првото поголемо претпријатие за производство на вино и ракија била винарницата „Тиквеш“ на Александар Велков, формирана во 1885 година.

Во градот Kавадарци се преработувале повеќе од 500 вагони со грозје, а околу 800 вагони се извезувале и тоа 500 преку железничката станица во Kриволак, 50 преку Демир Kапија и околу 200 вагони за Струмица. Особено лоша година за лозарството во Тиквешијата се смета дека била 1913, по завршувањето на балканските војни.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close