fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Ангела Јовановиќ, млада земјоделка и агроном, произведува 5.000 литри природен маџун

Ангела и нејзината фирма „Агро Калем Тимјаник“ се препознатливи по прозводството на маџун, гроздов сируп што се користи и како природен засладувач, но и како лек за многу болести.

Ангела Јовановиќ е млада жена која е родена и порасната во земјоделско семејство во неготинското село Тимјаник. Одгледувањето на виновата лоза и производството на грозје и преработки на грозје се дел од нејзината семејна традиција, која таа, откако ги завршила студиите на Факултетот за земјоделски науки во Скопје, решила да ја продолжи.

Денес Ангела и нејзината фирма „Агро Калем Тимјаник“ се препознатливи по прозводството на маџун, гроздов сируп што се користи и како природен засладувач, но и како лек за многу болести.

Ангела, иако е млад земјоделец, веќе има долгогодишно искуство во производството. Таа во интервју за Иновативност вели дека има планови да воведе нови технологии во производството на маџун, но и да го прошири асортиманот со нови продукти.

Новинар – Верица Јорданова

Ангела, какви се условите и перспективите за работа на младите земјоделци?

Моите родители се занимаваат со земјоделство, односно производство на винско и трпезно грозје и со производство на лозови и овошни садници. Единствената егзистенција на моето семејство е земјоделството, а со вклученоста во нашата работа љубовта кон производството на храна едноставно ми се всади во душата. Средно и основно образование завршив во Неготино со одличен успех. Кога завршив средно училиште без размислување одлучив да студирам и да го надоградувам знаењето, кое што со пракса го имав стекнато во моето семејство и во нашите лозови насади. Се запишав на Факултетот за  Земјоделство и храна во Скопје, во предвидениот рок го завршив факултетот и сега сум дипломиран инженер по лозарство и овоштарство.

По завршувањето на студиите имав можност да останам во Скопје и да работам по мојата струка, но јас одлучив да се вратам во моето родно село Тимјаник и активно да се вклучам во работата на лозовите насади и во производството на садниците и веќе трета година сум главен агроном во нашата семејна фирма.

Како стручно лице можам да кажам дека земјоделскиот сектор, особено  лозарството се соочуваат со многу проблеми. Од една страна се влијанијата на климатските промени, а од друга страна ниските откупни цени на грозјето, особено на винското грозје. Тоа ме мотивираше да размислувам како да му додадам вредност на нашето грозје и решив да се обидам дел да преработам во маџун.

Производството на маџун е традиција во Тиквешкиот крај. Имате ли ваш семеен рецепт?

Секако, рецептот е наследство од претците на моите родители и посебно сум горда на тоа затоа што моите прабаби токму така го правеле маџунот како јас денес. Тие го правеле за да обезбедат засладувач за сопствени потреби бидејќи немале шеќер, додека јас сакам да го модернизирам производот и да го развивам како семеен бизнис. Морам да напоменам дека и мојот сопруг многу ми помага и ме поддржува околу производството на маџунот и сметам дека таа поддршка многу ми значи за понатамошната моја работа. Правилникот за продажба од куќен праг многу ни ја олесни работата и оваа година произведовме околу 5.000 литри маџун спакувани во тегла.

Планирам да се надоградувам во поглед на производството и понатаму, преку разни обуки и работилници кои што ми ги овозможува моето членство во Националната Федерација на Фармери и како член на Мрежата на млади фармери. Исто така сум и член на здружението ШИРА од с.Тимјаник и сметам дека само преку здружување и надоградување на сите земјоделци можеме да сметаме на светла иднина на нашето земјоделство.

Целиот текст на линкот https://inovativnost.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close