fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Водата во Битола пред поскапување?

Се чекаат нови цени за водата за ХС „Стрежево“ и ЈП „Водовод“. Што ќе одлучи Регулаторната комисија за енергетика?

БИТОЛА – Ќе има ли поскапување на цената на водата во Битола врз основа на сите економски параметри или избор на тема која веќе плива во политички води. Опозициската СДСМ во Битола излезе со податоци дека водата за пиење во Битола која ја испорачува ЈП „Водовод“ ќе поскапи за дури 40 проценти.

Оваа информација опозицијата најверојатно ја темели врз основа на информација на Регулаторна комисија за води и водни услуги каде веќе имало доставени барања од јавните претпријатија на ниво на државата да се утврди цената на водните услуги за период од 2024 до 2026 година. Од ЈП „Водовод“ Битола велат дека веќе шест години, почнувајќи од 2018 година,  цената на водата, односно тарифата за водни услуги ја регулира и пресметува Регулаторна комисија за води и водни услуги врз основа на закон и не е тема која треба да се третира дневно-политички.

Цената на водата за пиење во Битола зависи од одлуката на Регулаторна, но и од цената која Владата ќе ја утврди за Хидросистемот „Стрежево“ Битола од каде „Водовод“ во сушниот период купува сурова вода. И за „Стрежево“ и за „Водовод“ се чека одлука, а од јавните претпријатија велат дека тоа не е тема за манипулација.

Од СДСМ обвинуваат дека јавното претпријатие предводено од ВМРО-ДПМНЕ планира „енормно“ да ја покачи цената на водата за пиење во Битола, со напомена дека се бара  поскапување за 13 денари од метар кубен испорачана вода до граѓаните. Наводно, наместо досегашните 31,78 денари, се бара битолчани да плаќаат 44,78 денари за кубик вода.

„Ако едно просечно битолско семејство троши по 15 кубици вода месечно, со новата цена на водата ќе плаќа по 200 денари повеќе на секоја сметка. Или, годишно од семејниот буџет ќе одат најмалку 2.400 денари повеќе за вода“, пресметува советничката Мирјана Ралевска-Захариевска од СДСМ Битола.

Од ЈП „Водовод“ велат дека Регулаторна комисија ја регулира цената на водните услуги за период од три години, преку посебно донесена  методологија.

„Цената на водата за пиење зависи од повеќе параметри – инфлацијата во базната 2022 година, којашто е со највисок степен на раст во последните 10 години, зголемувањето на цената на сурова вода која ‘Водовод’ Битола ја купува од ЈП ‘Стрежево’ (која е веќе повисока за околу 20%). Енормното зголемување  на цената на електричната енергија, нафтата и нафтените деривати, зголемувањето на цените на сите репроматеријали за водоводни инсталации. Параметар кој што влијае врз висината на тарифата на водни услуги е и бројот на население во Општината, како и зголемувањето на бруто платите врз основа на законската обврска поради инфлацијата“, велат од „Водовод“ Битола.

Од ЈП „Стрежево“ Битола кое располага со акумулацијата хидросистем „Стрежево“ и од каде битолски „Водовод“ купува сурова вода во летниот период или без оглед на годишното време кога нема доволно вода од сопствените извори, ни потврдија дека побарале регулирана цена од Владата за период од 2024-26 година.

Директорот Методија Граматковски вели дека Владата сѐ уште како основач нема донесено цена за водата која ќе ја продава „Стрежево“ на ЈП „Водовод“ за наредниот период. Претпријатието дава предлог ценовник, но Владата е таа која одлучува.

„Цената на водата која ‘Стрежево’ ја наплаќа сега од ‘Водовод’ е следна: За регулираниот период 2021-23 година цената вака се движи – во 2021 година 5,15 денари за кубен метар, во 2022 5,38 денари, а во 2023 е 5,56 денари за кубен метар без ДДВ. Ова значи дека цената е многу ниска и од Владата побаравме да биде просечната цена која ни ја предложи Регулаторна комисија за енергетика, а таа е за 2024 година 6,48 денари, 2025 година 6,47 денари и 2026 6,40 денари за кубен метар. Која цена ќе биде прифатена и дали ќе има промена во нагорна или надолна линија сѐ уште не знаеме“, вели Граматковски.  (А.Б.)

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close