fbpx
ВестиВиноМакедонијаТоп вести

Воведување нови сорти грозје за справување со климатските промени, предлагаат експертите

Ќе мора да се менува структурата на лозарството преку воведување нови сорти грозје ако сакаме да го задржиме квалитетот на виното по кој сме препознатливи, велат експертите. Влијанието на климатските промени е се поевидентно и се одразува не само врз физиологијата на лозата, туку и врз квалитетот и традиционалниот вкус на виното.

Според проектот на Балканската фондација за одржлив развој во кој се вклучени и професори од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), поради климатските промени виновата лоза цвета порано за шест до 18 дена па неопходно е да се размислува и за нејзино одгледување на поголема надморска височина што е веќе тренд во светот.

Како што изјави денеска професорката Силвана Манасиевска Симиќ од ФЗНХ и раководител на проектот, од 2012-та до 2019 година, посебно во Велес, сортата „вранец“ цвета порано за скоро 15 дена, додека „смедеревката“ цвета десетина дена порано. Тоа е поради климатските промени, температурата, влагата, но зависи и од регионот.

-Тренд во светот е лозовите насади да ја менуваат надморскта височна. Бидејќи досега се одгледувале на околу 300 до 400 метри, сега надморската височина треба да биде поголема зашто таму температурите се пониски, со помалку врнежи и нема толку трошоци за наводнување на лозата, истакна Манасиевска Симиќ.

Според неа, и во Италија и во Франција и во Шпанија каде лозарството е многу застапено, има промена во традиционалниот вкус на виното.

-Поради климатските промени и глобалното затоплување има промени во квалитетот на виното и во традиционалниот вкус. Забележана е и промена на фенофазите кај виновата лоза, односно нивно порано одвивање во последните 10 до 20 години. Цветањето, пак, е порано за шест до 18 дена, дополни професорката.

Препораките на експертите за ублажување на влијанието од климатските промени се: модернизација на земјоделството, користење нови технологии од страна на лозарите и винарите, како и поставување повеќе нови метеоролошки станици на повеќе локации низ земјата кои ќе бидат пристапни за производителите и пошироката јавност. Институциите ќе треба систематски и континуирано да ги следат фенолошките фази на виновата лоза кои се особено важни за приносот од кој, пак, зависи економскиот бенефит.

-Државата треба да финансира обуки и научно-истражувачки проекти кои на терен ќе ги согледаат климатските промени во подолг временски период, подвлече Манасиевска Симиќ.

Во рамки на проектните активности биле посетени Градско, Велес, Кавадарци, Неготино, лозарите и винарските визби, со цел воспоставување мрежа меѓу нив и формирање работна група која за климатските промени во лозартсвото. Заклучоците, резултатите и препораките ќе бидат доставени до Министрството за земјоделство за да се вметнат во стратегијата за климатски промени.

Извор: Ипортал.мк

Слични написи

Back to top button
Close