Вработените во РЕК Битола ќе се превезуваат со еколошки автобуси на природен гас
Договор за набавка на 6 еколошки автобуси на природен гас за превоз на работниците во комбинатот потпиша РEK Битола. Фирмата „Аутомакедонија“, ја доби јавната набавка која ќе треба да ги испорача автобусите најдоцна до октомври.
Автобусите ќе бидат од јапонскиот производител „ИСУЗУ“, и нивната вредност изнесува 1,4 милиони евра.
-Со ова, како компанија, ја покажуваме грижата за нашите вработени, затоа што автобусите кои сега се користат се стари и дотраени, а од друга страна има еколошка компонента и компонента на грижа за околината, бидејќи ова се возила кои не загадуваат. Набавката на еколошки автобуси за превоз на работниците на РЕК Битола беше едно од ветувањата на оваа Влада и можам со задоволство да констатирам дека истото го реализираме, а во иднина ќе продолжиме со инвестирање во вакви еколошки возила, а можеби и во електрични возила, рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Автобуси за комбинатот последен пат биле купени во 2014 година и тоа 10 половни, рече директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.
-Според направената анализа, со оглед на финансиските средства кои во изминативе години биле потрошени за превоз на работниците на РЕК Битола до нивните работни места, произлегува дека повратот на инвестицијата би бил 3 години. Автобусите на природен гас имаат помала потрошувачка и цената на метанот е многу пониска во однос на дизелот. Исто така, треба да се напомене дека автобусите со погон на метан, од досегашното искуство, се далеку поекономични во делот на одржување и редовно сервисирање, а истото се однесува и за трошоците за резервни делови, рече Ќурчиевски.
Директорот на „Аутомакедонија“ Зоран Дочински ја поздрави одлуката на АД ЕСМ да набави еколошки автобуси за РЕК Битола.
-Како компанија ни претставува задоволство кога на пазарот има побарувачка за возила кои не загадуваат и кога потрошувачите одат кон поеколошки решенија за превоз и тој тренд кој се јавува веќе секаде во светот, па и кај нас, ние го поздравуваме и порачуваме дека како фирма сме подготвени да обезбедиме задоволување на потребите на нашите граѓани и на државните институции кои се определуваат за современи и еколошки одговорни опции за превоз, рече Дочински.
А.Б