„Светски ден на вранец“, кој вторпат се одржува во организација на Здружението „Вина од Македонија“ има за цел да ја потенцира важноста на локалните сорти, да се поддржат напорите на локалните винарници за зачувување на винскиот идентитет на Македонија. „Светскиот ден на вранец“, исто така придонесува за зголемување на препознатливоста на Македонија како винска земја на меѓународно ниво. На настанот онлајн се вклучија и интернационални експерти за вино од Велика Британија, САД, Германија, Холандија, Словенија.
Како што истакнаа организаторите во последната деценија, трендот на славење на одредена сорта возврати со повеќе придобивки, а најзабележително е подобреното позиционирање и зголемената продажба на „прославените“ вина на меѓународни пазари.
– Денеска ние прославуваме една локална сорта која има голем потенцијал. Потенцијалот и квалитетот на Вранецот успеавме да го доведеме до едно одредено ниво, што е дел од работата на ентузијасти. Тука се производители на вино од Македонија, институтите, Земјоделскиот факултет. Но ова е само почеток на патот по кој треба да одиме и кој долго трае. Со започнување на преговорите за влез во ЕУ ние ќе бидеме принудени да спроведеме некој реформи. ЕУ ќе ни ги наметне тие реформи и ние не можеме да се однесуваме вака како што се однесуваме едноставно работите мораме да ги доведеме во ред за да имаме поголем добробит за сите, а за се тоа треба време и пари, изјави претседателот на Здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Тој додаде дека Вранецот претставува наша компетитивна предност и сорта врз чија основа треба да ја базираме промоцијата на нашата земја и целиот балкански регион. Во Македонија има околу 10.800 хектари, а во регионот е од 15 до 16 илјади хектари со Вранец. Ние ќе се обидеме да се поврземе како регион и да ги поврземе сите институти, науката, традицијата, лозарите и заеднички да постигнеме многу повеќе.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, рече дека оваа година можеби не беше најдобра, но Владата, со рекордни 6,5 милиони евра успеа да го избалансира тој дел на пазарот.
-Со нашите мерки ќе се средува и делот со залихите, но тоа не е доволно. Планирани се реформи. Ќе се формира комитет за винско грозје меѓу лозарите у визбите, ќе се изготви и стратегија зашто виното после тутунот е втор производ по извоз. Остануваме на заложбата да помогнеме за да бидеме препознатливи во светот, рече Хоџа.
Според министерот за економија, Крешник Бектеши, државата и натаму ќе продолжи со поддршката на кластерите.
-Еден од нашите стратешки производи е виното. Затоа, и во 2021 година продолжува поддршката на кластерските здруженија, а целта е добивање нови пазари и зголемување на размената, на извозот на вино. Многу е важно да направиме програма и заеднички да настапиме, да продаваме флаширано вино кое значи и додадена вредност, нагласи Бектеши.
На одбележувањето на „Светскиот ден на Вранецот“ беше промовирана Брошурата за промоција на винската индустрија на земјава, чија подготовка е поддржана од Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво.
Извор: Вечер прес