fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Решаваме децениски проблем на 2000 земјоделски семејства од пелагонискиот регион

Разрешување на статусот на сопственост на 2000 сопственици на земјоделско земјиште, со вкупна површина од 1300 хектари во 52 населани места во Пелагонискиот регион.

Министерот Љупчо Николовски, беше во работна посета на Битола и оствари средба со земјоделци од пелагонискиот регион.

На средбата министерот Николовски го најави  почетокот на новиот проект со кој ќе решиме децениски проблем за 2000 земјоделски семејства од пелагонискиот регион.

Дваесет години наназад, земјоделците не беа во можност да ги користат нивните парцели вратени со денационализација, бидејќи се заглавени во средина, помеѓу парцелите кои се дадени на долгогодишен закуп на ЗК Пелагонија.

Со вакавата поставеност на парцелите, тие имаа отежнат или никаков пристап до површините и немаа услови за непречено да ги обработуваат и да остваруваат профит од земјоделско производство.

„Денеска можам да најавам дека на иницијатива на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, обезбедена е донација од меѓународна институција и веќе од април, стартуваме со проект кој ќе овозможи разрешување на статусот на сопственост на 2000 сопственици на земјоделско земјиште, со вкупна површина од 1300 хектари во 52 населани места во Пелагонискиот регион. Проблемот ќе биде решаван со примена на постапки за консолидација на земјоделско земјиште, на начин што ќе се определи земјоделско земјиште во државна сопственост со иста вредност и квалитет како и земјоделското земјиште во приватна сопственост кое било вратено со денационализација и со парцелизирање на тоа државно земјиште на толку делови колку што има засегнати сопственици во тој регион.  Во согласност со сите сопственици, наместо земјиштето кое е вратено со денационализација ќе се додели во сопственост ново земјиште со иста вредност и квалитет, со правилна форма и со овозможен пристап за обработка, бидејќи сегашните парцели ќе бидат извадени надвор од средишните блокови на ЗК Пелагонија. Новото земјиште ќе биде запишано со право на сопственост во катастар, сите ќе добијат нов имотен лист“ изјави министерот Николовски.

На овој начин, нивните парцели не само што ќе бидат ослободени од средишните делови на ЗК Пелагонија, туку ќе станат функционални. Ќе можат да ги обработуваат и да аплицираат за финансиска поддршка по разни мерки од Програмите на министерството.

Ова е одлично и за државата и за македонското земјоделство, со решавањето на овој проблем, добиваме функционални 1300 хектари обработливо земјоделско земјиште, што во превод значи и зголемено производство и нов придонес кон домашната економија.

„Министерстсвото веќе има позитивно искуство од процесот на консолидација и тоа токму со акцент на Пелагонискиот регион, кој е најсилно поддржан во активностите за консолидација на земјоделското земјиште и тоа во Егри, Логоварди, Оптичари, Трн и Дабјани. Овие консолидациони подрачја, опфаќаат околу 2000 хектари земјоделско земјиште во сопственост на околу 1000 земјоделци, чии парцели сега имаат правилна форма, пристапни патишта до површините и канали за наводнување. За ова бевме пофалени од Европската комисија дека сме земја лидер во регионот по реализација на консолидационен процес“ потенцираше министерот Николовски.

Консолидацијата е процес кој носи огромни придобивки за сите и затоа како министерство горди сме на тоа што земјоделците од пелагонискиот регион искажаа огромна доверба и активно учествуваваа во процесот на консолидација.

Ние како министерство предложивме решение но, за успех клучна беше нивната доверба.

Министерството ќе продолжи да работи за што поскоро да ги ослободиме новите парцели, а земјоделците потоа да ја обработуваат земјата, да остваруваат профит и да придонесуваат кон домашната економија и кон раст на земјоделското производство на домашна македонска храна.

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close