Втор ден ЛЕНДНЕТ – посета на Егри и запознавање со резултатите од консолидацијата
Како прв успешно завршен македонски проект за консолидација на земјиште по принципот на распределба со промена на границите, Егри е пример за успешна консолидација и во меѓународни рамки.
Со сесија за консолидација на земјиштето во Северна Македонија и посета на селото Егри во Општина Битола, денеска продолжува 13. Меѓународна работилница ЛЕНДНЕТ што почна вчера и се одржува во Скопје.
За време на теренската посета, предвидени се прошетка низ консолидационото подрачје Егри предводена од проектот МАИНЛАНД и промотивен настан. Целта е на учесниците на ЛАНДНЕТ да им се претстават видливите резултати од соработката на ЕУ, ФАО и МЗШВ за поддршка на консолидацијата на земјоделското земјиште во Северна Македонија и да се слушне директно од земјоделците од Егри за бенефитот што го имаат од проектот МАИНЛАНД.
-Како прв успешно завршен македонски проект за консолидација на земјиште по принципот на распределба со промена на границите, Егри е пример за успешна консолидација и во меѓународни рамки. Тука подобрената структура на земјоделското земјиште беше надополнета со инвестиции во земјоделска инфраструктура за подобрување на пристапните патишта, каналите за одводнување и наводнување, со финансиска поддршка од Европската Унија во висина од од 500.000 евра, велат од Канцеларијата на ФАО во Скопје. Меѓународната работилница ЛЕНДНЕТ ја организира ФАО заедно со Градежниот факултет од Скопје, во партнерство со Министерството за земјоделство и Делегацијата на ЕУ. Во рамки на вчерашниот прв ден, кога беше отворањето, покрај консолидацијата, во фокусот беше и земјишното банкарство.