За 27 отсто помалку обработлива површина во последните 15 години
Честите постапки за поделба на наследството придонесоа некои од обработливите ниви да станат меѓи и пристапни патишта и да не се користат за производство на земјоделски култури, но и интензивното иселување од Македонија предизвика нивите да стојат необработени и да нема интерес пред сѐ кај младите да се ориентираат кон земјоделството.
Многу ниви се необработени, а некои од парцелите се мали и расцепкани, земјоделците велат дека ова се главните проблеми во земјоделството. Според Државниот завод за статистика во Македонија (ДЗС), земјоделската површина изнесува 1.266.008 хектари, од кои обработлива површина е 516.870 хектари, ораници и бавчи се 416.709, овоштарници – 16.546, лозја – 23.703 и ливади – 59.912 хектари. Како пасишта се третираат 748.413 хектари. Според статистичките податоци на ДЗС, растителното производство во периодот од 2005-та се карактеризира со намалување на површините под житни култури и домати, а бројот на родни стебла на јаболка бележи мал пораст.
Процени на земјоделците се дека во кочанскиот регион веќе со години не се сее ориз на над 10 отсто од земјиштето од прва категорија. Нивите се запустени и обраснати со плевел, поради што скапо и тешко ќе биде нивното повторно ставање во функција.
Затоа најавите за зголемување на нивите под ориз што ќе се наводнуваат и за враќање на површините што се сееја пред неколку децении, на оризопроизводителите им изгледаат преоптимистички и реално неостварливи. Земјоделците велат дека со трошоците за производство и откупните цени на оризот што се актуелни на пазарот реално е да се очекува да расте бројот на нивите што ќе претвораат во мочуришта.
Претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, вели дека според податоците што ги дава Државниот завод за статистика, голем дел од обработливото земјоделско земјиште не се обработува.
– На прв поглед изгледа застрашувачки, бидејќи од тие површини само дел е со подобар квалитет, додека другите се ситни и расцепкани парцели со низок квалитет, расфрлани околу некогаш живите македонски села. Поради судски постапки, стечаи или процеси на денационализација, мал дел од поквалитетните површини сѐ уште не е даден на оглас – објаснува Станковски.
Како што вели тој, пред извесен период она што било понудено во велешкиот регион, парцели до три хектари со многу слаб квалитет на земјата, не разбудило никаков интерес кај граѓаните.
– Земјоделците изразуваа само незадоволства дека парцелите се без можност за наводнување, со исклучително слаби приноси по хектар. Мораме да споменеме дека без оглед на која површина ние одгледуваме некоја земјоделска култура и колкави се приносите по хектар кај нас, ние мораме да конкурираме со најдобрите одгледувачи во регионот или за некои производи и во светот. Се плашам дека со глобализацијата, процентот на необработено земјоделско земјиште ќе биде и зголемен како последица на нерентабилноста на самото домашно производство – истакна Станковски.
Тој додава дека за промена на состојбата е потребна добро осмислена стратегија. Како што смета, во наши услови треба да се претпочитаат производи и култури што бараат голем број работна рака и за кои нема некој софистициран метод за собирање, како што е берењето цреши или јагоди.
– Секаде каде што се работи на софистициран и поевтин начин, а со тоа и максимално се заменува скапата работна рака, ние сме неконкурентни. Ако продолжиме да произведуваме земјоделски производи за кои нашето земјиште и поднебје не одговара и нуди мали приноси, а принудени сме со потпишување на договорот со Светската трговска организација да дозволуваме увоз со исти царински давачки, со држави со многу поразвиено и попрофитабилно земјоделство, тогаш, порано или подоцна, сме осудени на пропаст. И поради тоа нашето земјоделско земјиште и понатаму ќе биде необработено, со опасност тој процент да се зголеми – појаснува Станковски.
Претседателот на „Агрофаланга“ додава дека за вистински ефикасно решавање на проблемот е потребно градење стратегија за која решенија ќе понудат и претставниците од власта, невладиниот сектор, земјоделците и високообразовните институции, во спротивно агонијата со намалено обработување земјоделско земјиште ќе продолжи.
Борис Анакиев, професор во пензија на Земјоделскиот факултет, во својата анализа вели дека загрижува фактот што во изминатите 27 години од осамостојувањето до денес перманентно се намалува обработливата површина и сега изнесува само 77,7 отсто од површината.
– Сите делови од обработливите површини каде што може да се организира интензивно земјоделство исто така опаѓаат во однос на 1991 година, па денес лозјата се намалени на 60,6 отсто, а овоштарството на 69,6 отсто. Обемот на обработливата површина покажува дека македонското земјоделство мора да развива високопродуктивно производство од интензивни системи – градинарство, овоштарство, лозарството, индустриските култури и висок степен корени на пасиштата ако сака да ја задоволи домашната побарувачка – вели во својата анализа Анакиев.
Тој додава дека анализата на структурата на сеидбените површини што се однесува на дел од обработливите површини, на структурата на обработливите површини кај сите групи култури, како и на вкупните засеани површини, покажува дека се опаднати во споредба со 1991 година.
– Вкупните посеани површини денес се помали во споредба со 1991 година, за околу 27 отсто. Најголемо опаѓање околу 41 отсто има кај индустриските култури, инаку македонското подрачје се смета доста погодно за индустриски култури – објаснува Анакиев.
Македонија троши по околу 50 милиони евра месечно за увоз на храна. Додека државата дава милиони во форма на субвенции, половина од нивите остануваат необработени, а приносите се под регионалниот просек.
Од Сојузот на земјоделци велат дека едно домаќинство во просек има по пет оддалечени ниви, а голем дел од нив и до 10, со што се зголемуваат трошоците за нивна обработка.
– Во Македонија во моментов има до четири милиони парчиња земја. Ако се знае дека овие површини се одделени со меѓи, има над 50.000 хектари неплодно земјиште само поради овие причини. На групирањето на земјиштето мора да му се посвети посебно внимание. Ќе има подобра искористеност на земјоделската механизација, како и намалување на трошоците на производство. Од друга страна, ќе треба на некој начин да се решат проблемите наследени од минатото. Нерешените имотноправни односи кај земјоделците можеби се најголемиот проблем, за што во иднина државата ќе треба да посвети големи внимание – сметаат од сојузот.