fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

За Бислимоски рестрикциите на струја не се решение, само ќе ги влошат состојбите

Повозрасните граѓани паметат дека рестрикции на електрична енергија имало во далечните  1992-93 година и претходно во 1983-84, а последен пат во 2012 кога беше изгасено само уличното осветлување.

Банките и штедилниците најавија дека ќе ги изгасат светлечките реклами во наредните 30 дена, колку што трае кризната состојба во областа на енергетиката прогласена до Владата. Новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, се повика на евентуални рестрикции и го раскина на договорот за новогодишно украсување на метрополата (иако уредбата е со важност до крајот на ноември), па поради тоа е можно градот за прв пат по којзнае колку години да биде без улични украси за Нова година…

Повозрасните граѓани паметат дека рестрикции на електрична енергија имало во далечните  1992-93 година и претходно во 1983-84, а последен пат во 2012 кога беше изгасено само уличното осветлување. Дали е можно зимава да се повтори тоа или да биде и полошо?

За првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, тоа не е опција и само може да ги влоши дополнително состојбите.

„Дури тогаш од технички аспект ќе се распадне системот“, вели Бислимоски.

Тој за Топ тема на ТВ Телма објасни зошто рестрикциите на електрична енергија не се решение. Во државата потрошувачката на електрична енергија се задоволува делумно со домашно производство, од ЕСМ, ТЕ-ТО, мали хидроелектрани, и другите расположливи капацитети, а дел од увоз. Притоа, има регулиран пазар, како и слободен пазар.

„Потрошувачите што се на слободен пазар се снабдувани од снабдувачи кои што ја увезуваат електричната енергија. Доколку ние започнеме со рестрикции, снабдувачите оваа електрична енергија која претходно ја купиле и мора да ја платат, и доколку се доведат во ситуација снабдувачите со електрична енергија  да не можат да си ја наплатат електричната енергија  заради рестрикции кои што би се вовеле, во тој случај, јас ви гарантирам дека снабдувачите  ќе ги откажат сите договори кои што ги имаат кон домашните потрошувачи, бидејќи не се луди да одат во загуби. На тој начин дури тогаш ќе ни фали енергија  и увезената енергија која што снабдувачите веќе си ја договориле, нема да дојде во државата. Е, тогаш не по 200 евра, туку електрична енергија ќе набавуваме по 500 евра“, изјави Бислимоски.

Понатаму, како што додаде, пред да се воведе рестрикција секој би инсистирал да потроши што е можно повеќе електрична енергија и ќе направи дополнителни пикови што не му одговара особено на ЕСМ  имајќи го во предвид  типот на производство – од термоелектрани и хидроелектрани.

„Така што, рестрикциите не се опција затоа што тоа ќе не доведе во уште полоша ситуација“, категоричен е првиот човек на РКЕ.

Тој објасни и зошто постојната ситуација е различна од онаа во 2012 година, кога се исклучуваше уличното осветлување.

„Тогаш немаше либерализиран пазар на електрична енергија  на дистрибутивно ниво. На слободен пазар беа само потрошувачите приклучени на висок напон. Сега најголем дел од општините во државата  излегоа на слободен пазар на електрична енергија во изминатите три години, си ги намалија своите трошоци  за 30 отсто и не можеме да им кажеме на снабдувачите ако сте ја купиле вие енергијата  нема да ја наплатите затоа што ние ќе правиме рестрикции“, изјави Бислимоски на Топ Тема на ТВ Телма, додавајќи дека споредбата со 1992-93 или со 1983-84 е уште поразлична бидејќи тогаш сме биле затворени системи сами за себе.

„Според мене, рестрикциите нема да подобрат ништо, туку само ќе влошат и ќе го усложнат проблемот“, рече Бислимоски.https://nezavisen.mk/za-bislimoski-restrikciite-na-struja-ne-se-reshenie-samo-kje-gi-vloshat-sostojbite/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close