fbpx
ВестиМакедонија

За експлоатација на минерални суровини државата наплатува само 8,2 милиони евра годишно

Концесија за користење минерални суровини во 2019 година имаат добиено вкупно 264 фирми, издадени се 358 вакви концесии

Концесија за користење минерални суровини во 2019 година имаат добиено вкупно 264 фирми, издадени се 358 вакви концесии, а површината на земјата која е опфатена со нив изнесува 349 километри квадратни, што е 1,4 отсто од вкупната територија на државата, покажува истражувањето и базата на податоци на доделени концесии за минерални суровини за 2019 година, што го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Вкупно во државава се експлоатираат 50-тина видови минерални суровини, а најмногу концесии се издадени за експлоатација на варовник – 110, за вода – 47 и за песок и чакал – 43 концесии. Територијално, најмногу се издадени концесии за експлоатација на суровини на територијата на општина Прилеп, вкупно 32. Следат Гостивар со 21, Струга со 18 и Сопиште со 15 концесии.

Една петтина од вкупно 264-те концесионери имаат повеќе од една концесија. Најмногу, по девет, имаат Цементарница УСЈЕ и градежната фирма Гранит. Следна со шест концесии е скопската фирма МИСА-МГ, а пет концесии има Кнауф Радика од Дебар.

„За добиените концесии се плаќа надомест по две основи: за користење на површината и за експлоатирани количини. По првата основа годишно во државната каса се прибираат само околу 800 илјади евра, додека по втората, за количината на експлоатираната суровина, се прибираат 7,4 милиони евра или вкупно по двете основи се прибираат околу 8,2 милиони евра“, стои во анализата.

фото; ЦГК

Според истражувањето, најголем надомест плаќа рудникот Саса, 2,2 милиони евра годишно и рудникот Бучим 1,2 милиони евра годишно. Тие заедно плаќаат дури 43 отсто од вкупните пари што се слеваат во државата од експлоатацијата на суровините.

Најголема концесиска површина од 32 километри квадратни има државната Електрани на Северна Македонија, за експлоатација на јаглен. По неа, со површина од 29 км2 има Енергетика Пела, за експлоатација на олово, цинк, злато, сребро и бакар. Следуваат Скопски легури, кои експлоатираат манган на концесиска површина од 24 километри квадратни.

Од ЦГК посочуваат дека, истражувањето се реализира во рамки на активноста Јавно трошење за јавно добро, од проектот на УСАИД за граѓанско учество, а целта е да се зголеми ефективноста на јавното трошење, преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.https://meta.mk/czgk-analiza-za-eksploataczija-na-mineralni-surovini-drzhavata-naplatuva-samo-82-milioni-evra-godishno/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close