Забавување на порастот на осигурување на земјоделските посеви и култури

(Oвој напис е објавен на: March 4, 2017)

zabavuvanje na porastot na osiguruvanje na zemjodelskite posevi i kulturi

Годинава има релативно намалување или забавување на порастот во однос бруто полисирана премија и бројот на склучени договори за осигурување во земјоделството. Во однос на истиот период лани има пораст од само 9,95 отсто во однос на продадените полиси за земјоделско осигурување

Земјоделството е постојано изложено на ненадејни временски непогоди кои можат значително да ги намалат приносите. Трошоците за вакви непогоди во иднина не се исклучува да се зголемат како резултат на глобалните климатски промени, а тоа може да претставува уште поголем финансиски удар особено на руралните подрачја во Македонија.

Како и кај другите видови осигурување и во сегментот на земјоделско осигурување годинава има забавување на порастот на осигурување.

– Годинава има релативно намалување или забавување на порастот во однос бруто полисирана премија и бројот на склучени договори за осигурување во земјоделството. Во однос на истиот период лани има пораст од само 9,95 отсто во однос на продадените полиси за земјоделско осигурување, вели Климе Попоски претседател на Совет на експерти на Агенција на супервизија на осигурувањето.

Исплатените штети на земјоделците кои ги осигуриле своите имоти заклучно со третиот квартал годинава изнесува 65 милиони денари, меѓутоа поголема исплата на штетите имало во октомври и ноември годинава. Така, на пример, во Ресенско каде што има многу голема продажба на земјоделско осигурување кај фармерите кои се занимаваат со производство на јаболка во четвртиот квартал се исплатени се штети околу дополнителни половина милион евра.

Земјоделците најчесто ги осигуруваат насадите и културите кои се застапени во одредени региони. Посевите се осигуруваат од најчести основни ризици, град, поплава, мраз, а како култури најмногу се осигуруваат житата, грозјето, праската и тутунот.

– Има намалување на осигурувањето на животни, таму интересот е помал од лани. Не ги знаеме причините зошто е тоа така дали е во однос на цените, бидејќи во 2015 година имаше високи износи на штети кои ги платија осигурителните компании поради болести на добитокот. Поради тоа, годинава осигурителните компании беа претпазливи и не сакаа да влезат во ризик во делот на осигурување на животни, вели Попоски.

Експертите сметаат дека во последно време на земјоделско осигурување се гледа како неопходност за заштита на плодовите, ливадските треви, лековитите билки, украсните растенија, овоштарниците и лозјата, младите овоштарници и лозја пред појавувањето на род, расадниот материјал, младите шумски култури, врбите за плетење и трските.

Земјоделците своите посеви можат да ги осигураат од основни ризик град, пожар, удар од гром и од дополнителни ризици невреме, пролетен мраз, губење на квалитет на производот и поплава. Постојат и посебни видови на осигурувања на посеви и плодови од губење на семенскиот квалитет, на посеви и плодови во оранжерии и пластеници, на лозови пењушки и осигурување на овошни плодови и трпезно грозје од губење на количеството и квалитетот.

Премијата се плаќа на сумата на осигурување која се утврдува врз основа на очекуваниот принос по еден хектар и цената по еден килограм. Сумата на осигурување по единица површина помножена со вкупната површина преставува осигурена сума на која се применува премиската стапка.

Со осигурување на посевите и плодовите земјоделците ќе го заштитат својот труд, земјоделските култури и приносите од опасностите кои се закануваат во различни сезони од годината.

Од првичните четири, сега функционираат седум осигурителни друштва во овој сектор, а еден од клучните проблеми и натаму е недостигот на комплетна документација што земјоделците мора да ја поседуваат кога станува збор за осигурувањето.

Share Button