Заев очекува следната недела да почне примената на законите за помош на стопанството
Премиерот Зоран Заев верува дека по договорот помеѓу пратениците во Собранието, законите од петтиот пакет економски мерки во наредните денови ќе бидат изгласани и од наредната недела ќе почне нивната примена
Премиерот Зоран Заев верува дека по договорот помеѓу пратениците во Собранието, законите од петтиот пакет економски мерки во наредните денови ќе бидат изгласани и од наредната недела ќе почне нивната примена.
-Одлуките се донесоа, комисиите веќе работат, денеска, утре, задутре, заради тоа што законите се по скратена постапка и верувам дека во наредните денови веќе Парламентот ќе ги изгласа. Се работи за закони од петтиот пакет мерки. Компаниите ги поднесоа обрасците за плати, секако труд и социјални работи и УЈП веќе ги имаат категорите кои треба да добијат 6.000 денари поддршка од оние кои не добија претходниот пат, и сите други мерки, вкупно беа 30-ина коишто се предвидени од петтиот пакет. Дел се веќе реализирани, но тие кои чекаат на новите законски решенија очекувам наредната недела да почнат со практична примена, изјави денеска Заев, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Делчево.
Уште еднаш го поздрави прагматичниот чекор на Парламентот за законите од петтиот пакет мерки затоа што, потенцираше, само така потврдуваме дека постоиме да им служиме на граѓаните.
Во собраниските матични комисии и на Законодавно правната комисија треба да поминат Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од корона-кризата заради исплата на платите за февруари и март 2021 година, Предлог-законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19 за месеците февруари и март 2021 година и Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на личен доход.
Тие се дел од петтиот пакет кој содржи 30 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра, од кои 91,7 милиони евра се со директни фискални импликации.
Предвидената финансиска поддршка на плати за вработените за месеците февруари и март 2021 година, е во износ од 1,9 милијарди денари со опфат од околу 60 000 работници месечно. Финансиската поддршка ќе биде скалеста, во износ од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен, за да се поддржат работните места во домашните компании во зависност од тоа која компанија колкав пад на приходи имала во текот на ноември и декември 2020 и јануари 2021 година споредено со ноември и декември 2019 и јануари 2020 година.https://nezavisen.mk/zaev-ochekuva-slednata-nedela-da-pochne-primenata-na-zakonite-za-pomosh-na-stopanstvoto/